Доделени дваесет стипендии за пост дипломски студии на Сити колеџот во Солун

Заменик-министерот за образование и наука Спиро Ристовски присуствуваше на доделувањето стипендии за постдипломски студии на Сити колеџот во Солун, кој е дел од Универзитетот „Шефилд“ од Велика Британија. Висината на стипендиите изнесува 14.890 евра од кои 50 проценти ги обезбедува Министерството за образование и наука, а останатите Сити колеџот. Ристовски во оваа пригода појасни дека се работи за петтата генерација стипендисти од Република Македонија која ќе го формализира високото образование на оваа престижна високообразовна установа.

„Да се биде студент на некој од врвните светски универзитети е голем личен успех на секој поединец кој одлучил да се надградува во интернационална средна, затоа што зад знаењата и компетенциите кои тој ќе ги стекне, стојат најдобрите професори и научници од конкретната област на глобално ниво. Тој личен успех може да биде непроценлив, доколку акумулираните искуства и пракси студентот ги пренесе во сопствената земја и придонесе за нејзиниот напредок во одреден сегмент “, рече Ристовски.

Стипендиите кои го носат името на поранешниот претседател Борис Трајковски, на дваесетте најдобри студенти им ги врачи претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов.

„Образованието на умот без образованието на срцето не е вистинско образование, вели Аристотол. Со таа мисла, за која верувам дека би се согласил и покојниот претседател Трајковски, сакам да ви порачам дека вашиот иден успех е ваша одговорност и кон општеството кое инвестирало во вас. Вашиот успех е успех и на Македонија“, рече Иванов.

Директорот на програмата за пост дипломски студии по бизнис администрација на Сити колеџот Џорџ Ефстатиадис додаде дека иницијативата за доделување стипендиите се вклопува во Стратегијата Европа 2020 која дава централно место на знаењето за постигнувањето паметен, одржлив и инклузивен раст.

Стипендиите за Сити колеџот во Солун се доделуваат за магистерски студии во областа на маркетингот, финансиите, општиот менаџмент, логистичката поддршка, или пак менаџментот во здравството.