Повеќе од сто лица или една третина од над 300 кандидадти кои поминале обука за неформално образование на возрасни добиле вработување. Центарот за образование на возрасни (ЦОВ) од 2012 година верификувал 66 програми за неформално образование на возрасни од над 20 понудувачи на услуги во 10 градови во Македонија.
Податоците беа презентирани денеска на отворањето на 11-тата манифестација Денови на доживотното учење кое ЦОВ го организира со поддршка на иницијаторот и главен финансиер на кампањата – „ДВВ Интернационал“ од Бон, Германија.
Центарот планира во 2015 бројот на верификувани програми да стигне до сто. Покрај тоа, ќе ги продолжи и другите активности за поддршка на луѓето кои не го оформиле образованието, меѓу кои е и организирањето средно стручно образование за лица кои имаат само основно. Сите активности ЦОВ ги организира во соработка со домашни и меѓународни институции, образовни установи, стопански комори и социјални организации.
Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми на отворањето на 11. Денови на доживотното учење истакна дека целта на манифестацијата е да го промовира концептот на учење во текот на целиот живот, независно од возраста, полот и етничката припадност.
„Доживотното учење е моќна алатка за намалување на невработеноста, градење култура на учење и општество базирано на знаење… Донесувањето на Законот за образование на возрасни во 2008 година и основањето на ЈУ Центар за образоване на возрасните, кој од 2009 креира и имплементира политики за образование на возрасни, се доказ дека Македонија посветено работи на ова поле,“ истакна Адеми.
Директорката на Центарот за образование на возрасни Линдира Ќазими смета дека неформалното образование е важно како и редовното.
„Интересот за образование на возрасни е зголемен. Граѓаните ја знаат моќта на знаењето и сакаат да учествуваат во стекнување нови вештини и знаења, зашто тоа ги прави поспособни и поконкурентни на пазарот на трудот. Ова го правиме со помош на програми за основно професионално образование и со други програми. Сакаме да помогнеме со Деновите на доживотното учење и затоа оваа година тие ќе се реализираат на целата територија на Република Македонија, со цел повеќе граѓани да бидат информирани за можностите кои им се нудат“, рече Ќазими.
Билјана Мојсовска од Центарот за доживотно учење, партнер на „ДВВ Интернационал“, истакна дека носителите на политиките за промоција на доживотното учење треба да се фокусираат на зголемување на свеста за важноста на економијата и општество базирано на знаење.
„Треба да им укажат на поединците, на понудувачите на образование, на работодавачите, како и на социјалните партнери дека треба да инвестираат во доживотното учење и да укажат дека неговото приоритизирање не треба да го зголеми јазот помеѓу елитите и маргинализираните само поради тоа што првите имаат пристап до образованието. Напротив, континуираниот пристап до образование и обука треба да биде отворен за сите граѓани на една држава,“ рече Мојсовска.