Најдоцна до март следната година ќе заврши проектирањето на патот Тетово – Чегране – Брвеница – Гостивар по што ќе следи избор на изведувач на градежните работи, информира премиерот Никола Груевски.
Изградбата на патот е предвидена со Програмата, што, според Груевски, значи дека ќе се реализира.
„Проектирањето треба да заврши во март следната година и потоа да почнат процедурите за избор на изведувач. Светската банка го поддржува овој проект на Република Македонија, така што очекувам во текот на следната година да почне изградбата, односно реконструкцијата и рехабилитацијата на овој патен правец,“ изјави денеска Груевски, одговарајќи на новинарски прашања по одбележувањето 13 години од основање на Универзитетот на ЈИЕ во Тетово.
Во изминатиот период, потсети Груевски, во овој регион целосно или делумно беа обновени уште два патни правца Јегуновце – Лешок и Тетово – Пирок – Гостивар.
„Она што сме го зацртале го спроведуваме и она што сме го ветиле ќе биде целосно сторено,“ рече премиерот Никола Груевски.