Во рамките на предвидените активности од Проектот на УСАИД за меѓуетничка интеграција во образованието, во ОУ „Братство Единство “, како модел училиште, во соработка со Советот на родители, Ученичката заедница и наставниците , денеска , по повод месецот Ашуре, се организира заедничка подготовка и дегустација на истоимениот традиционален десерт.
Според верувањата, традицијата за „ ашуре“, стара со векови, започнува од денот кога бродот на пророкот Ное и неговите верници се спасуваат од потопот. Откако бродот пристигнува на брегот, останата храна во бродот се собира и се прави еден оброк. Тој оброк се нарекува „ ашуре“.
Самиот збор „ашуре“ потекнува од арапскиот збор „ашара“ кое во превод значи десет, десетти. „Aшуре“ не е само обично благо, тоа пред се е симбол на споделувањето, солидарноста, љубовта, богатството и пред се заедничкиот живот.
По примерот на ашурето каде што десетици производи се спојуваат во една смеса, така и муслиманите, христијаните и сите други верници треба да се собираат и да бидат заедно. Aшурето се вари во едно казанчe, затоа и ние светот треба да го замислиме дека е едно казанче, каде што сите заедно ќе живееме убав и спокоен живот, со сите наши заеднички вкусови- беше пораката од оваа интересна манифестација која на симболичен начин на најмладите им ги потенцира вредностите на взаемното почитување и меѓуетничката интеграција.