Претседателот Иванов со честитка по повод Денот на aлбанската азбука

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод 22 Ноември – Денот на aлбанската азбука, упати честитка до припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија.

„Почитувани сограѓани,

Одбележувајќи го Денот на албанската азбука во Република Македонија ја потврдуваме определбата за негување на нашето мултиетничко општество и почитувањето на етничките и културни различности.

Прославувањето на 22-ри Ноември значи негување на културните вредности и особености на албанската етничка заедница во Република Македонија. Почитувајќи, зацврстувајќи и унапредувајќи ги меѓусебните односи ние придонесуваме во градењето на заеднички соживот.

Богатството на еден народ се темели врз почитувањето на традицијата, на јазичното и културното наследство кое е јадро што во себе ги содржи минатото, сегашноста и иднината. Уважувајќи ги разликите градиме доверба и разбирање во општество во кое не треба да има предрасуди за етничките, националните и верските разлики.

Почитувани,

На припадниците на албанската етничка заедница во Република Македонија сакам да им го честитам Денот на албанската азбука, а на сите граѓани, без разлика на верската и етничката припадност во земјава, сакам да им порачам дека само доколку се почитуваме меѓусебно, доколку вистински ги негуваме меѓусебните разлики ќе придонесеме за напредокот и развојот на просперитетна Република Македонија.“– стои во честитката.