Министерот за здравство Никола Тодоров во рамки на работната посета на Франција денеска се сретна со Жан Патрик Лајончер, директор на приватната болница Сент Џозеф во Париз.
На средбата, како што соопшти ресорното Министерство, било договорено 10 доктори-специјалисти од Република Македонија да се едуцираат во оваа врвна здравствена установа во Франција. Прв треба да замине специјалист од областа на анестезиологијата, чија обука ќе се реализира на почетокот на јануари 2015 година.
На средбата, како што е наведено, била разгледана можноста доктори специјалисти од Македонија да заминат на повеќегодишна специјализација во оваа здравствена установа.
„Болницата Сент Џозеф е најдобро рангирана болница за лекување глауком во Франција и токму во таа насока е договорена обука на специјалист-офталмолог од Македонија за унапредување на знаења и вештини во областа на глаукомот, што ќе се реализира во март следната година“, се вели во соопштението на Министерството за здравство.
Болницата Сент Џозеф опфаќа 25 медицински и хируршки специјалности и претставува експертски центар во областа на роботизирана хирургија, урологија, гинекологија и областа на дигестивни болести.