Идната недела ќе се донесе судска одлука за случајот „Лизгалиште“

Денеска се одржа главниот претрес од судскиот процес за случајот „Лизгалиште“ во кој секретарот на општина Охрид Димитар Спасески го тужи советникот од ЛДП Дејан Блажески за клевета.

Рочиштето, исто како и претходното кое беше подготвително, започна со предлог на судијата, доколку има можност двете страни да се спогодат, со извинување или порамнување на друг начин. Тужителот Спасески рече дека останува до крај на тужбеното барање, а неговиот полномошник на почетокот од јавната расправа ги достави до Судот доказите што ги најави на претходното рочиште поточно извадоците од електронските портали кои пишувале за овој случај.

Во распитот на тужителот Спасески, тој кажа дека лизгалиштето на градскиот плоштад се поставило согласно законската регулатива што требало да ја спроведе општината.

„Во јавноста се појавија низа реакции од страна на одредени опозициски партии и поединци. Во однос на споменатиот процес на поставување и документирање, на првата прес-конференција одржана на 12-ти јануари 2014 година бев директно посочен од страна на тужениот којшто е советник во општина Охрид дека сум потпишал штетен, криминален договор за општина Охрид. Периодот околу 12-ти јануари е период на празници во кои сите семејства уживаат во празнична атмосфера. Мојот мир и мирот на моето семејство беше нарушен со овие невистинити, неточни и небулозни изјави“, рече тужителот Спасески.

Како што додаде тој, во ниту еден момент од неговото работење како секретар на општината, не потпишал каков било штетен договор.

„Сите договори ги потпишува градоначалникот. Од тие причини и согласно своите законски овластувања, не сум имал можност да потпишам каков било договор, а не камоли штетен договор за општината,“ рече Спасески.

Како што рече пред Судот Спасески, следниот ден откако тужениот советник Дејан Блажески на критичната прес-конференција ја дал својата изјава за проектот „Лизгалиште“, Спасески на прес-конференција во детали одговорил на сите наводи за кои бил повикан од страна на Блажески.

„Нашата професија е таква, специфична, и често може да се искажат одрени факти и аргументи кои не мора да се точни. Затоа побарав тужениот да се извини за навредата упатена кон мене, но наместо извинување, следуваше прес-конференција на која советникот бараше покажување на тој договор. Следуваше барање до општината за информација од јавен карактер и се’ со цел, да се оправда првичната прес-конференција на тужениот и да се изврши атак врз мојата чест и углед. За мене беше поприфатливо, Блажески првин да ги собере релевантните информации, а потоа да одржи прес-конференција,“ кажа Спасески во распитот.

Во својот исказ даден пред Судот, општинскиот секретар додаде дека додека траел судскиот процес,тој не забележал никакво каење од страна на советникот Блажески, туку, како што рече, Блажески ја користел секоја прилика, па дури и седниците за да упати некаква провокација кон него. Тоа, според Спасески, било причина, тој да се почувствува наклеветен и да претрпи душевна болка што се потврдило во, како што рече, наодот од страна на психијатриско вешто лице.

Тужениот Дејан Блажески пак, во распитот рече дека и пред одржувањето на неговата прес-конференција, имало натписи во медиумите дека проектот „Лизгалиште“ е афера.

„Пред 12-ти јануари 2014 година, јас како советник од ЛДП и советникот Јоне Станкоски од ВМРО-Народна партија побаравме информација за проектот „Лизгалиште“, но таа беше отфрлена на седница. Бидејќи тужителот како одговорно лице за давање информации не го даде одговорот, ние како советници имаме право и обврска да ја запознаеме јавноста со работењето на општината“, рече тужениот Блажески.

Тој појасни дека одговор на неговите две прашања преку модел на пристап до информции од јавен карактер добил на 17-ти јануари и на 20-ти февруари 2014 година, без, како што рече, архивски броеви.

„Секретарот лажеше дека лизгалиштето е поминато на седница како урбана опрема, но тоа не помина на седница на Советот на општина Охрид и за неговото користење се наплаќаше со фискални сметки“, кажа Блажески.

Како што рече тој во својот исказ, Спасески имал многу повеќе информации ки требало да ги достави до него како советник.

Извор: Супер радио/А.Р.