Се интензивира соработката помеѓу Охрид и Далиан

Во рамки на работната посета на Народна Република Кина, градоначалникот Никола Бакрачески вчера го посети збратимениот град на Охрид, Далиан. Притоа, беа остварени неколку работни состаноци со претставници на Локалната власт по што следеше и работна средба со директорот на државната телевизиска куќа во Далиан, Ванг Веј и заменик директор и уредник на информативната програма Ју Јанг. На средбата беше договорено гостување на нивна професионална екипа во Охрид со цел изработка на промотивна репортажа за нашиов град која понатака неколку- кратно ќе се емитува на голем број телевизиски куќи чија гледаност изнесува преку 100 милиони гледачи.

Во рамки на вчерашната посета на кинескиот град Далиан, градоначалникот Никола Бакрачески заедно со претседателката на Советот Гордана Коњановска беа на прием кај заменик директорот на Постојаниот совет на народниот конгрес на Далиан , Чен Ли Мин. На средбата беа разменети мислења околу интензивирање на соработката меѓу двата града, Далиан и Охрид а беше ветена и помош од кинеска страна за промоција на туристичката понуда на Охрид на кинескиот пазар.

Посетата на Далиан продолжува денес за кога се закажани средби во Бирото за туризам со неколку големи туроператори од Кина а потоа е закажана средба со заменик градоначалник на Далиан на која се очекува да присуствуваат претставници на неколку кинески компании при што ќе се разговара за можностите за инвестирање во Охрид во делот на хотелски комплекси и лесна незагадувачка индустрија.

Градот Далиан е еден од најразвиените градови во Кина, лоциран во најбогатата кинеска провинција Манџурија. Пристаништето во Далиан е на десетто место според обртот, а неговиот капацитет за прием на бродови е на дваесетто место во светот. Регионот на градот Далиан е и еден од главните туристички центри на Кина, кој минатата година го посетиле 53 милиони туристи од кои 11 милиони странци. Во градот живеат над 10 милиони жители и годишен БДП од 70 милијарди долари. Далиан е и образовен центар со 31 универзитет.

Poseta_Daljan_4853