Министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска денес го посети Центарот за обука во Идризово каде што присуствуваше на селекцијата, односно физичките проверки на пријавените кандидати по последниот објавен конкурс на МВР од октомври годинава за пример на нови 400 полициски службеници. Според Јанкулоска со овој трет конкурс, од 2012 до денес ќе биде заокружена бројката од 1.100 новопримени полициски службеници за потребите на разни организациски единици при МВР.
На овој последен јавен оглас за прием на полициски службеници се пријавија вкупно 3.273 кандидати, од нив 2703 мажи и 570 жени. Кандидатите, како и во претходните конкурси, треба да минат низ низа физички, односно моторички проверки определени од страна на Комисијата за избор на кандидат за полицаец што ќе ја спроведе целокупната постапка на селекција на кандидатите.
Министерката Јанкулоска нагласи дека и овој пат доследно ќе бидат спроведени сите стандардизирани и ригорозни фази на селекција на кандидатите, така што по физичките проверки, на кои инаку им претходеше административната проверка согласно прецизно пропишаните критериуми за конкурирање, ќе следат психолошки тестови, писмено тестирање (општообразовен тест и есеј), интервју (поединечеб разговор со пријавените кандидати) и здравствени прегледи во кои се опфатени проверката на здравствените и психофизичките способности на кандидатите.