Македонската опера и балет на 1 јануари 2015 од 20 часот ќе изведе новогодишен концерт во Македонскиот народен театар, каде што на 7 јануари од 12 часот Македонската филхармонија ќе изведе божикен концерт …
Двата концерта ќе бидат пренесувани во живо на Македонската радиотелевизија, а идејата е тие да станат традиционални за најголемите семејни празници.
Новината денеска на прес-конференција ја најави министерката за култура Елизабета Канческа Милевска, заедно со директорите на МОБ и Филхармонијата, Дејан Прошев и Маја Чанаќевиќ.
„Уверена сум дека овие два извонредни настана ќе бидат вистинско уживање за љубителите на класичната музика и дека несомнено на овој начин ќе се збогати културната понуда за нашите граѓани за време на новогодишните и божикните празници,“ рече Канческа Милевска.
Концертот на МОБ ќе го води диригентот од Србија Ѓорѓе Павловиќ. Ќе бидат изведени арии и дуети од оперети, хорски, оркестарски, балетски нумери од делата на светски композитори, валцери и полки. Ќе настапат оперските солисти Каталина Бертучи од Австрија, Сања Керкез од Србија и македонските Благица Поп Томова и Ѓорѓи Цуцковски, балетските солисти Марија КичевскаШокаровска, Мими Поп АлексоваАтанасовска, Васил Чичијашвили и Бобан Ковачевски, Хорот, балетскиот ансамбл и Оркестарот на МОБ.
Божикниот концерт на Македонската филхармонија ќе има духовна содржина и дела од Бах, Хендл, Качини, Корели, Моцарт… Солист ќе биде сопранистката Сандра Митровска, а концертот ќе го води диригентот Борјан Цанев. Влезницата за новогодишниот концерт е 800 денари, а за божикниот 500 денари.
Покрај овие нови концерти, двете институции овој и наредниот месец ќе ги имаат своите традиционални концерти – на 21 декември во 12 часот Македонската филхармонија во Универзалната сала ќе го организира концертот за деца и на 24 декември во МНТ концерот „Ѕвездена прашина“ на кој ќе бидат изведени познати вокалноинструментални џез композиции. Макеодонската опера и балет, пак, ќе ја продолжи 25годишната традиција и во јануари ќе го организира концертот за празникот Василица.