Вчера во Скопје се одржа предавање од серијата циклуси од Кампањата на АМС и УНЕСКО за штетноста од користење допинг во спортот.
На предавањето тимот предавачи предводен од доктор Илија Стоилов ги информираше ракометарите од Спортската академија за штетноста од користење допинг.
„Чистиот спорт подразбира заштита на интегритетот на спортот, заштита на физичкото здравје и менталниот интегритет на спортистите, и обезбедување на еднакви услови за сите натпреварувачи така што резултатите ќе бидат фер рефлексија на природните способности на натпреварувачите, нагласи Стоилов и додаде дека со оваа кампања ќе бидат заштитени и спортистите кои ненамерно, од незнаење за забранетите супстанци, прават допинг прекршок. Секое користење на допинг средства претставува директно и потенцијално загрозување на здравјето за кое не сме свесни за последиците кои можат да настанат од самото користење“. – истакна Стоилов.
Предавањето е дел од националната кампања на АМС против користење недозволени допинг супстанции со поддршка од „Фондот за елиминација на допингот од спортот“ на УНЕСКО каде што целна група се спортисти, спортскиот персонал и медицинските лица вклучени во тренажниот процес, националните спортски федерации, клубовите, спортистите.
Целта на кампањата е низ ваквите семинари и работилници, како и преку печатените материјали и медиумската кампања да се подигне свеста за штетните последици од допингувањето, свеста за важноста од зачувувањето и негувањето на спортската етика и фер-плејот, како и свеста за последиците по кариерата на спортистите кои произлегуваат кога надлежните ќе констатираат употреба на недозволени допинг средства и методи. Кампањата е во полн ек и ќе трае до месец март 2015 година.