Рамномерниот регионален развој важен за економскиот развој на државата

Рамномерниот регионален развој е важна компонента во развојот на секоја држава, а реализацијата на проекти од страна на планските региони претставува одлична можност за обезбедување поголем економски раст, креирање нови вработувања и подобар животен стандард.

Ова беше истакнато на денешната конференција за регионален економски развој организиран од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) со чија помош се реализираат проекти во планските региони во државата.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, кој присуствуваше на конференцијата, истакна дека Владата во изминатиот период има направено низа активности како што се стратегија за рамномерен регионален развој, соодветна законска регулатива, формирање регионални центри и неколку програми преку кои на регионите им се доделуваат средства за нивен развој.

Тој додаде дека значаен партнер во развојот на регионалниот рамномерен развој е германското Друштво за меѓународна соработка (ГИЗ) и Владата на Швајцарската Конфедерација.

„Особено важно е да се искористат сите расположливи фондови од домашните и меѓународните извори на финансирање, пред се ИПА фондови за обезбедување средства за подготвените инфраструктурни проекти преку Грантовата шема, а центрите заедно со општините да работат на реализација на ваквите регионални проекти кои имаат сеопфатно влијание“, нагласи Пешевски.

Министерот за локална самоуправа Лирим Шабани додаде дека крајната цел е да се подобри животот на граѓаните и да се намалат диспаритетите на регионите, односно да се обезбеди поголем економски раст.

Изработени се 28 регионални инфраструктурни проекти за чија реализација се потребни најмалку 33.3 милиони евра. Во моментот за пет проекти веќе има обезбедено средства за кофинансирање во износ од 11 милиони евра.