Под мотото „Стоп за катастрофите“ на површина од 1.107 хектари денеска беа засадени околу 5 милиони дрвца низ територијата на цела Македонија во рамки на 14. акција „Ден на дрвото – засади ја својата иднина“.
Главен акцент на пошумувањето годинава беше ставен на голи и опожарени површини, а се раззеленуваше и во урбаните и руралните средини, голините и корозивните места.
Граѓаните, според Кристина Николовска, шеф на кампањата, масовно излегле на терените за раззеленување, а новина е што се сади во населените места. Се садат декоративни садници, покрај булеварите, на тревните површини, но и покрај езерата и патиштата.
„Нова и голема енергија се чуствуваше и во градовите не само во руралните терени. Ако досега граѓаните одеа кон „Ден на дрвото“, на подалечни терени, сега „Ден на дрвото“ дојде кај граѓените, онаму каде што живеат и работат. Со мотото „Стоп за катастрофите“ сите граѓани на Република Македонија му испраќаме голема еко порака на светот за засадена иднина, “изјави Николовска.
Во разеленувањето на скопската општина Аеродром се вклучи премиерот Никола Груевски, а претседателот на државата Ѓорге Иванов во неговата резиденција засади дрвца заедно со децата со посебни потреби од ПОУ „Св. Климент Охридски“ од Ново Село. Во акцијата на различни локации низ Скопје претпладнето се вклучија вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски. Во Велес на локација над езерото Младост дрвца засади и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Се пошумуваат голи и опожарени површини низ сите општини во државата, јавното претпријатие „Македонски шуми“ отстапи 24 илјади повеќегодишни садници за пошумување во урбаните средини, а на урбаните општини им подели 83.000 декоративни садници од пруја, јасен, јавор, бреза, чемпрес и други украсни дрва за пошумување на паркови. На четирите гранични премини со Албанија планирано е да бидат засадени 200 повеќегодишни декоративни дрвја.
Денешниот ден е прогласен за неработен, а општините организираа бесплатен превоз до локациите каде што ќе се пошумува.
Акцијата симболично минатата недела ја почнаа министерот за одбрана Зоран Јолевски, началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-потполковник Горанчо Котески и воените аташеа акредитирани во Македонија со разеленување на опожарен појас во близина на велешкото село Папрадиште. Претставници на Министерството за надворешни работи и на дипломатскиот кор во Република Македонија, вчера засадија дрвца во населбата Ново Лисиче.
Акцијата „Ден на дрвото“ се реализира седма година. Почна во март 2008 година и досега се засадени околу 50 милиони дрвца.