Министерката Канческа-Милевска на проба на претставата со која ќе се отвори новиот Велешки театар

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, градоначалникот на Велес Славчо Чадиев и директорот на Велешкиот театар Јордан Витанов денеска присуствуваа на проба од подготовката на првата премиера во новата театарска зграда во Велес – претставата „Најважната работа на светот“ од Братислав Димитров во режија на Љубиша Георгиевски…

Канческа-Милевска изјави дека претставата има одлична екипа која и досега покажала одлични резултати и му се заблагодари на професорот Љубиша Георгиевски кој прифати да ја режира. Оцени дека пробите се одвиваат согласно со предвидената динамика.

„Во претставата ќе бидат прикажани сите можности кои ги нуди сценската технологијата на големата сала на новата театарска зграда во Велес. Премиерата се очекува некаде во средината на овој месец, за што дополнително ќе информираме,“ рече Канческа-Милевска.

Режисерот Љубиша Георгиевски искажа задоволство што министерката ги посетила во вистинско време бидејќи, како што рече, пред премиерата секоја театарска екипа има потреба од охрабрување.

„Се надеваме дека со оваа претстава не подолго од два часа публиката ќе се забави и Велешкиот театар ќе добие една од пиесите која е реткост во македонската драмска литература, а тоа е автентичен комичен жанр“, рече Георгиевски. Очекува се најдобро во техничката изведба на овој објект кој досега, според него, ги положил сите испити.

Авторот на текстот Братислав Димитров посочи дека ова му е трета соработка со Велешкиот театар. – Секогаш кога доаѓам на проба, јас успевам да го видам текстот во едно сосема различно светло или надградено од режисерот и актерите, кои навистина се максимално креативни и го враќаат расположението за игра, радост и довербата во театарот, оцени Димитров.

Градоначалникот Славчо Чадиев рече дека велешани со нетрпение ја очекуваат првата претстава во новата театарска зграда, која свечено беше пуштена во употреба во јуни годинава.

„Велес заслужува да биде на пиедесталот како центар на културата и уметноста и ние како локална самоуправа ќе направиме се тоа да се зачува. Задоволни сме што најубавата театарска зграда во Македонија ја доби Велес“, додаде велешкиот градоначалник.