Денес во големата сала на општина Охрид се одржа трибината насловена: „Стоп за насилството врз жените и девојчињата“. Организирана од страна на Советот на млади при општина Охрид, оваа трибина беше дел и од светската кампања „16 дена активизам – да ставиме на насилството врз жените и девојчињата – сега.“
Во почетокот, во името на организаторот присутните ги поздрави Павел Донески, ПР на Советот на млади, кој истакна дека овој настан е во функција на подигнување на јавната свест против различните форми на насилство врз жените и девојчињата за што е потребно посериозен пристап и третман на овој проблем.
Во својство на модератор и иницијатор, Дарко Мојсоски, член на Советот на млади, ја образложи причината и потребата од една ваква трибина, при што презентира и статистички податоци за бројот на насилства врз жени и девојчиња на ниво на Македонија.
Свое обраќање на трибината имаа: Ѓорѓи Тодороски, дипломиран педагог, од Центарот за социјални работи од Охрид, кој зборуваше за навремено препознавање и превенција на облиците на насилство, како и за улогата на медиумите во спречување на овие несакани појави. На трибината говореше и директорката на охридското економско училиште, Славица Костоска, која ја пренесе пораката до присутните, особено до младите да ги препознаат и промовираат вистинските морални вредности, а со тоа и да бидат носители на позитивни промени во општеството.
За насилството говореше д-р Марија Тренева, која истакна дека насилникот освен што предизвикува видливи телесни повреди кај жртвата, тој придонесува и за долготрајни психолошки трауми како: анемија, недостаток на самодоверба и депресија.
Трибината заврши со кратка дискусија во која присутните имаа можност да постават конкретни прашања до стручните лица, по што беше заклучено дека на овој сериозен оптштествен проблем во иднина мора да му се даде посериозно значење.