Министерството за труд и социјална политика денеска по повод Меѓународниот ден на волонтерството потпиша меморандум за соработка со Мировниот корпус Македонија.
Со Меморандумот се интензивира соработката со Мировниот корпус во делот на ангажирање волонтери со соодветно образование и искуство во работата со деца со попреченост во дневните центри, како и во организирањето на обуки за вработените и едукативни активности во градинките.
Договорот го потпишаа министерот за труд и социјална политика Диме Спасов и директорката на Мировниот корпус во Македонија, Кејтлин Кори.
„Со потпишувањето на овој меморандум и едните и другите ќе дадеме малку од себе, а ќе добиеме многу. Ќе добиеме непроценливо искуство кое може да се стекне само со заедничка работа,“ истакна министерот Спасов.
Спред него, волонтерите и волонтерството во секоја држава претставуваат огромен човечки потенцијал кој континуирано се мобилизира и кој поседува релевантно знаење и вештини корисни за заедницата.
„Тоа било и визијата на сенаторот кој воедно е и основач на Мировниот корпус Џон Кенеди во далечната 1961 година, кој им предложил на студентите да и служат на земјата, така што ќе живеат и ќе работат во други земји, залагајќи се за мирот и ќе разменуваат искуства“, рече Спасов.
Директорката на Мировниот корпус Македонија најави зголемување на бројот на волонтери на годишно ниво.
„Нашите волонтери поминуваат две години работејќи со соработници, живеејќи во локални семејства-домаќини, и стануваат дел од локалната заедница. Повеќе од 500 волонтери имаат служено во Македонија и се очекува зголемување на бројот за 100 волонтери годишно“, рече Кори.
Денешниот меморандум е продолжение на успешната соработка меѓу САД, Мировен Корпус како владина агенција и Владата на Република Македонија, кои во 1996 имаат склучено меѓудржавен договор.