Растот на извозот се должи на подобрата конкурентност на македонското стопанство во однос на останатите економии, а тоа е секако одраз на политиките што ги водиме, пред се најниски даноци во Европа, привлекување странски инвестиции и овозможување и за домашните и странските бизнисмени да имаат добра бизнис клима.
Тоа го оцени денеска вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, коментирајќи ги податоците на Државниот завод за статистика за извозт во првите десет месеци од годинава.
Според Ставрески, извозот од слободните економски зони од Македонија што достигна милијарда и 62 милиони евра е потврда за успешноста на концепт за привлекување странски инвестиции бидејќи станува збор за производи со висока технолошка вредност.
„И во услови кога во Европа немаше раст на економијата, односно економскиот раст беше близу до нулата македонските компании што работат во зоните успеаја да извезуваат производи. Но, истото се однесува и на компаниите што работат надвор од зоните, на домашните компании при што имаме зголемен извоз во неколку значајни сектори за македонската економија,“ изјави Ставрески, одговарајќи на новинарски прашања по потпишувањето договор со ЕБОР за инфраструктурни проекти.
Сметам, истакна Ставрески, дека имаме добар тренд што покажува дека Македонија има перспектива во делот на извозот, во делот на освојување нови пазари и подобрување на структурата на извозот преку извоз на технолошки производи со повисока технолошка вредност.