НУБ „Св. Климент Охридски“ одликувана со Орден за заслуги за Македонија

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ денеска, во пресрет на патронатот и на свеченост по повод 70-годишнината од основањето, беше одликувана со Орден за заслуги за Македонија од претседателот на државата Ѓорге Иванов …

Орденот се доделува за исклучителни резултати на НУБ во собирањето, зачувувањето и презентирањето на македонското духовно творештво и придонесот во развојот на образованието, науката и културата, како и за севкупниот општествен развој на Република Македонија и нејзината афирмација во светот. Високото признание шефот на државата му го врачи на директорот на НУБ Иван Заров.

„Библиотеката е простор на слобода на мислата, изразувањето и творештвото. Таа е отворен простор што создава луѓе со отворен ум кои не им робуваат на авторитетите, туку го користат знаењето за сами да владеат со себе… Пред 70 години успеавме да создадеме држава и во неа да ја омеѓиме нашата градина – Националната и универзитетска библиотека. Библиотека што го носи името на нашиот најголем народен светител и учител, св. Климент Охридски. Учесниците на АСНОМ биле свесни дека народот без знаење не може да биде вистински слободен, “истакна претседателот Иванов на свеченоста во холот на НУБ.

Тој додаде дека основниот предизвик на библиотеката во минатаото бил да се зачува слободата, а најголем нејзин предизвик денес е да се избори за слободното време на луѓето за кои сето знаење е достапно на интернет.

„Потребно е да ја вратиме библиотеката во нашите животи и повторно да ја направиме дел од нашето секојдневие. Единствениот начин е преку прилагодување кон дигиталната револуција и користење на можностите што ни ги даваат новите технологии. Библиотеката во 21 век веќе не е само место за складирање, зајмување и читање книги, туку и простор за социјализација,“ додаде, меѓу другото претседателот.

Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска истакна дека НУБ е матица на нашето пишано богатство и чува вредни артефакти кои говорат за нашето потекло и идентитет.

„Овој храм на знаењето чува многу вистини, почнувајќи од фрагментот од посен триод од 13 век, како најстар зачуван ракопис од старословенскиот период, до останатите книги и ракописи кои се тешки цели векови и кои се непроценливи записи за историјата на македонскиот јазик и македонскиот народ“, рече Канческа-Милевска.

Таа ги спомна капиталните книжевни проекти на НУБ во изминатите години, нејзината меѓународна соработка со сродни институции во светот и потсети на проектот на Владата на РМ и Министерството за култура „Дигитална библиотека – доградба на НУБ „Св. Климент Охридски“ со кој, како што рече, му се обезбеди долговечност на вредното книжевно богатство што го поседува Република Македонија.

За Орденот се заблагодари директорот на НУБ Заров кој истакна дека во градењето на оваа национална установа низ седумте децении постоење се заслужни генерации македонски интелектуалци и неговите претходници кои биле на чело на институцијата.

„За нас оваа награда е големо признание за улогата и високото место кое Библиотеката веќе седум десетлетја го зазема во Пантеонот на македонската култура и е внедрена во фундаментите на општествениот, културниот, научниот, интелектуалниот подем на македонската држава. Таа ја сублимира целокупната колективна меморија на нашиот народ, неговиот дух и достојно место во современата заедница на народите,“ рече Заров.

НУБ „Св. Климент Охридски“ е формирана на 23 ноември 1944 година. По повод 70-годишниот јубилеј и патронатот, во НУБ е отворена изложба „Од ризницата на НУБ“, на која е презентиран дел од богатството на Библиотеката: старословенски, ориентални и современи ракописи, музички композиции, стари карти, ретка периодика, како и дел од изданијата на Библиотеката и избрани публикации за свети Климент Охридски. Беа промовирани и изданија по повод јубилејот и доделени награди на претходни директори на НУБ, вработени во Библиотеката и на личности кои придонеле за нејзиниот развој.

01_NUB_70_godini_jubilej_6