Во врска со соопштението на ОО на СДСМ Охрид, реакција испрати општина Охрид, во која стои:
„Со денешното соопштение на СДСМ, охридската јавност стана сведок дека советниците во градскиот Совет од оваа политичка партија имаат само една цел – себе промоција, а не како што сакаат да се претстават во јавноста дека се загрижени за развојните програми.
Жално е што никој од СДСМ не бил во состојба да одлучува, да распределува, да менаџира со буџет над кој надвиснуваат енормни долгови, судски решенија и судски спорови, па да знае како изгледа носење на развојни програми и менување на истите во ситуација кога општината има долг од 53 милиони евра.
Жално е што СДСМ го смета за небитен долгот што таа го направи и истиот како ситен проблем смета дека сам од себе ќе исчезне. Со вакви проблеми, со секојдневно справување со судски спорови, судски решенија, блокирана сметка, Локалната самоуправа изнајде сили да ги изготви овие нацрт програми и да ги достави до Советот. Доколку овие проблеми општината не ги имаше наследено од времето на СДСМ таа ќе имаше прецизни датуми и прецизни рокови за реализација на истите. И советниците на СДСМ знаат дека ова се нацрт програми и понатака следи расправа во која општината секогаш вклучува голем број субјекти од општественото живеење.
Почитувани од СДСМ, градоначалникот Никола Бакрачески се што ветил во изборната програма ќе реализира во време на неговиот мандат. И покрај правните лавиринти и товарот од минатото во тек е реализацијата на капиталните проекти, катна гаража дом за стари лица , затворен базен, затворен зелен пазар, проекти кои бараат да се испочитуваат законските и временски рамки за нивна конечна реализација.
Актуелната локална власт предводена од градоначалникот Никола Бакрачески и покрај наследената катастрофална финансиска состојба успеа за само една и пол година да реализира стотина проекти во делот на нови улици, тротоари, атмосферска канализација, фекална канализација. Локалната власт гради и реконструира патишта, отвора и реконструира школи и градинки, гради најсовремени спортски терени и игралишта.
Општина Охрид изразува жалење што СДСМ со вакви паушални соопштенија настојува да стави белег на празнувањата посветени на Св. Климент – Патронот на Охрид, кои се во тек.“– стои во реакцијата.