Повелбата „Св. Климент Охридски“ постхумно доделена на Слободан Крлески

Повелбата „Свети Климент Охридски“ за заслуги, афирмација и промоција на Охрид и неговите вредности , годинава постхумно е доделена на познатиот фолклорист Слободан Крлески .

Претседателот на комисијата за празници и манифестации, Дејан Паноски ја образложи одлуката на петчлената комисија, оваа награда постхумно да биде доделена на Крлески.

Слободан Крлески е еден од основачите на големите фолклорни и културно уметнички друштва од Охрид . Еден од оние кои неуморно го пренесуваа фолклорот и традиционалните вредности на Охридскиот крај во низа земји во светот , афирмирајќи го со тоа нашиот град , неговото име и неговото значење. Благодарение на посветеноста на Крлески , Охрид беше застапен како име во голем број весници , магазини, списанија кои ги следеа неговите настапите пред голем број претседатели, кралици, државници. Тој ја пренесуваше играта, тие пишуваа за Охрид. Ретката внесеност во пренесувањето на фолклорот и традициите останува како пример на љубовта кон својот град и татковина и негова промоција низ светот, љубов поголема и од онаа кон самиот себеси. Почитувањето на традициите и фолклорот не сочувало како идентитет низ минатото и истото тоа ќе не сочува во било какви бурни времиња во иднината“, истакна Пановски.

Годинава до комисијата за празници и манифестации во состав Дејан Пановски , Јованка Точко, Оливија Пирузева – Јанева, Коста Трифуноски и Александар Калачоски, апликации за повелбата поднесоа: д-р Никола Филев, професор Стефан Каневче, фотографот Зоран Велјаноски – Летра, фолклористот Слободан Крлески и Здружението на пензионери од општина Охрид.