Инспектори за храна, официјални ветеринари, производители и трговци со адитиви и претставници од научните институции од земјава, денес и утре ќе разменат искуства за употребата на адитивите во прехранбената индустрија на работилницата „Употреба на адитивите во производството на храна“, организирана од Агенцијата за храна и ветеринарство,со поддршка од инструментот TAIEX на Европската комисија. Како што истакна Ленче Јовановска, раководител на Секторот за храна од неживотинско потекло во Агенцијата за храна и ветеринарство, институционално се следат сите промени во легислативата која се однесува на адитивите, а која целосно е усогласена со европската.
Директорот на Агенцијата Зоран Поповски, во обраќањето истакна дека темата за која денес и утре ќе се разменат експертски искуства се однесува на исклучително важна тема за потрошувачите и компаниите.
„Европската унија во последните години ги заострува безбедносните критериуми за производство на храната, особено во контролата на употребата на адитивите во прехранбената индустрија, начинот на нивното означување, критериумите за чистота на адитивите, евалуација и одобрувањето на новите адитиви и реевалуација на одредени веќе одобрени адитиви. Агенцијата за храна и ветеринарство, како орган на државната управа одговорен за безбедноста на храната, во својата организација има посебно одделение кое работи на оваа проблематика, кое има за обврска да ги следи сите нови европски регулативи за адитивите и сите новини од оваа област, бидејќи сметаме дека оваа област е од исклучително голема важност ”– рече тој.
Националната легислатива за адитивите во Република Македонија е усогласена со европската, објасни Поповски додавајќи дека во Република Македонија е усвоен системот и списокот на адитиви кои се дозволени да се употребуваат и во ЕУ. Како одговорна институција пред потрошувачите, рече тој, потенцираме дека употребата на адитивите во нашата држава е строго утврдена во Законот за безбедност на храната. Во производството на храната може да се употребуваат само адитиви кои се утврдени во Правилникот за адитиви и само во услови и концентрации кои се дозволени со цел единствено за да го подобрат прехранбениот производ, без притоа да имаат штетно влијание по здравјето на граѓаните.
„Освен редовното ревидирање на листата на дозволени адитиви согласно промените кои се вршат во европската легислатива, со цел да одговориме на современите барања на производителите и потрошувачите за да на пазарот се понудат максимално безбедни прехранбени производи, дополнителна гаранција за потрошувачите за безбедноста на производите, е обврската за задолжително означување на адитивите кои се користат во производството “– додаде директорот Поповски.
Тој изрази убедување дека работилницата на која ќе биде претставено и европското искуство во контролата на адитивите, ќе даде нов импулс во подобрување на воспоставениот систем на контрола кој го спроведува Агенцијата во делот на контролата на употребата на адитивите.