Министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска денес и утре (10./11. 12.) во Лондон, Велика Британија, ќе учествува на дводневниот глобален самит за справување со сексуалната злоупотреба на децата на интернет што се одржува под покровителство на англискиот премиер Дејвид Камерон.
На самитот на кој покрај министри и преставници на ресорни министерства, учествуваат и претставници на бројни меѓународни асоцијации и институции, ќе се разговара за заканата и предизвици во борбата против сексуалната злоупотреба на децата на интернет, феномен што во последнава декада поприми сериозни глобални размери.
Во неколкуте дебатни сесии ќе се разговара за разните аспекти на овој проблем, почнувајќи од националните, односно институционални искуства и постоечките легислативи во борбата против сексуалната злоупотреба на децата на интернет, потоа за конкретните мерки во различни сфери, како и за мерките и активностите што би требало во иднина да се превземат на овој план како во национални така и во глобални рамки.
Инаку, во Република Македонија, како дел од глобалните процеси кои се преземаат за превенција и заштита од сексуалната злоупотреба на децата, следејќи ги меѓународните конвенции, (посебно усогласување со Конвенцијата на Советот на Европа за заштита на деца од сексуална експлотација и сексуална злоупотреба), во 2012 година беше донесен Законот за Посебен регистар за лица осудени со правосилна пресуда за кривични дела за сексуална злоупотреба на малолетни лица и педофилија , а подоцна и Правилникот за начинот на внесување на податоците на осудените лица во Посебниот регистар (Сл.весник,бр.62/2012).
Со измените и дополнувањето на овој закон во 2014 година се донесоа подобри решенија за дополнување на податоци кои треба да бидат внесени во Регистарот и секако се направи усогласување на кривичните дела со измените во Кривичниот законик и прецизирање на податоците во Регистарот за кривични дела против половата слобода и морал сторени против деца.