Кинески медиуми ќе ги презентираат можностите за инвестирање и туристичката понуда на Охрид

Новинари од најпознатите печатени и електронски медиуми како и претставник од Секторот за меѓународна соработка од провинцијата Чунгчин од Народна Република Кина денеска беа во работна посета на општина Охрид. Во име на градоначалникот Никола Бакрачески кинеските гости ги примија, Претседателката на охридскиот Совет, Гордана Коњановска и раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов.

Според домаќините средбата беше добра можност за претставување на туристичката понуда на Охрид и можностите за инвестирање во градов пред кинеските медиуми, но и практично истата е првиот резултат по неодамнешниот работен престој на делегација од општина Охрид во Народна Република Кина.

„Средбата беше уште една можност да ја претставиме туристичката понуда на Охрид и можностите за инвестирање во градов. Практично станува збор за продолжување на активностите кои ги имавме во текот на неодамнешна посета на охридската делегација во Република Кина. При престој имавме можност да го промовираме Охрид пред официјални претставници на градовите Далиан и Шенжен и секако да поканиме претставници на нивните туристички бироа и на Радио –телевизиската станица на Далиан во Охрид. Се надевам дека сите овие активности во крајна линија ќе резултираат со значајно зголемен број на туристи од Народна Република Кина кај нас“, – вели претседателката на градскиот Совет Гордана Коњановска.

Раководителот на секторот за туризам и локален економски развој Ѓоко Апостолов истакна дека Наредниов период најавени се други делегации од Република Кина во Охрид. Причините за доаѓањата се од инвестициски и туристички карактер.

„Ние како локална самоуправа и понатаму се заложуваме за промовирање на Охрид на економските и туристичките пазари каде досега Охрид не бил доволно промовиран и се надоврзуваме на сите оние активности кои што Владата на Република Македонија ги овозможува во областа на инвестирањето но и во промовирањето на државата и Охрид. Ние се надеваме дека овие контакти кои денес ги остваривме се само еден почеток за она што следува во иднина и верувам дека ќе вродат со плод. Се надевам дека денешните гости добро ќе го презентираат Охрид во НР Кина преку своите медиуми, печатени или електронски“, – потенцира Апостолов.

Главниот и одговорен уредник на весникот, „Чунгчинг дејли“, Рен Раи истакна дека целта на посетата во Охрид и Македонија е запознавање на кинеската јавност преку нивните медиуми со условите за инвестирање во Охрид и Македонија како и промовирање на градов како привлечна туристичка дестинација.

„Сакаме на кинеската јавност да и ја презентираме соработката меѓу Македонија и Кина како и условите за инвестирање во вашава земја . Целта меѓу другото е и презентирање на Охрид како туристичка дестинација. По оваа посета ќе настојуваме што повеќе да пишуваме за Охрид, затоа и лично дојдовме тука. На средбата ни беше укажано за сите услови и поволности за инвестирање во Охрид и Македонија и ние истите ќе ги презентираме пред потенцијалните кинески инвеститори“, – вели Раи која е воодушевена од убавиот Охрид, неговата богата историја и културно-историското наследство кое го поседува.

Чунгчинг , е провинција односно административна целина во Народна Република Кина која брои повеќе од 30 милиони жители. Провинцијата е индустриски, транспортен и културен центар со бројни универзитети, музеи , галерии како и многу претставништва и конзулати од цел Свет.

Денешната посетата на кинеските новинари во Охрид е во рамки на нивниот неколкудневен престој во Македонија со цел преку нивните медиуми да се претстават економските, културните и туристичките потенцијали на Република Македонија во Народна Република Кина.

Денешната посета и претходи на Самитот на шефови на Влади на Земјите од централна и источна Европа и НР Кина, што ќе се одржи на 16 декември годинава во Белград соседна Србија.