Промовирана фотомонографија „Чудесниот свет на танцот“

На сцената „Зебра“ вечерва е прмовирана фотомонографијата „Чудесниот свет на танцот“ посветена на 10-годишнината од постоењето на фестивалот „Танц-фест“ – Скопје …

Промоцијата беше проследена со премиерна изведба на вториот дел од претставата „О!ТЕЛО)“ на Танцовиот театар – Скопје.

„Фотомонографијата е вредно сведоштво за сите изминати успеси во созревањето на „Танц-фест“ кој веќе десет години е епицентар на низа комплексни авторски претставувања и танцови перформанси на уметниците од најреномираните европски балетски куќи. Во изминатиот период фестивалот создаде силна конекција меѓу уметниците од Европа, ја поттикна слободата на изразувањето, ставајќи ги авторите во еден простор на отворена комуникација и креативност,“ истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска која присуствуваше на промоцијата.

Според неа, со доделувањето на единствената награда посветена на врвните достигнувања во областа на танцот, „Менада“, фестивалот „Танц фест“ демонстрираше и исклучителна свест за валоризација на светските но, и на македонските културни вредности. Во оваа смисла, со посебно внимание треба да се истакне и придонесот на овој фестивал во развојот и промоцијата на македонската танцова култура.

„Современите танцови практики и иновативните кореографии на домашните и на странските автори кои во изминатите години беа презентирани на „Танц фест“ претставуваа понуда која секогаш го интригираше вниманието на македонската јавност. Токму овие креации но, и импресиите кои тие ги предизвикаа кај публиката и стручната јавност низ фотографии и текст, се илустрирани во фотомографијата „Чудесниот свет на танцот“ која е несомнено сублимат на сето она што го одбележа фестивалот во неговата 10-годишна традиција“, нагласи министерката.

Нагласувајќи дека „Танц-фест“ ја етаблира Република Македонија како регионален центар за современ танц, земја со посебно чувство за современата танцова култура и големи творечки потенцијали, Канческа – Милевска упати посебно признание до уметничкиот директор на фестивалот Рисима Рисимкин.

Во фотомонографијата „Чудесниот свет на танцот“ се содржани авторските текстови во македонските медиуми кои будно го следeа „Танц фест“ и го окарактеризираа како уметност што ја прави публиката среќна со настапите на врвните национални балети на Ротердам, Лисабон, Печуј, Белград, Истанбул, Анталија, Љубљана, Анкара, меѓународните успеси на „Танц фест“ и неговата промоција на насловната страница на реномираното европско списание „Денс јуроп“.