Превенција на злоупотреба на пиротехнички средства

„Превенција на злоупотреба на пиротехнички средства“ е насловот на проектот што во организација на СВР Охрид, денес во 13 часот ќе биде реализиран во Црвениот крст во Охрид. Целта на проектот што ќе го реализираат одделението за превенција, полициската станица Охрид и Црвениот крст, е едукација и подигнување на јавната свест кај граѓаните посебно кај младата популација за опасностите од употреба на петардите и другите пиротехнички средства.

На учениците практично и стручно ќе им биде изведена вежба со импровизирани повреди по рацете, нозете, очите и другите делови од телото добиени од пиротехничко средство и давање прва помош.

Во рамките на проектот ќе бидат нагласени начините на превенција како и казнените законски одредби за неовластена употреба на пиротехнички средства на јавно место што претставува општа опасност со која се загрозува сигурноста на граѓаните.

СВР Охрид, деновиве ќе врши засилени контроли со цел превенирање но и санкционирање на правните и физички лица кои неовластено продаваат и користат петарди и други пиротехнички средства. Годинава, проектот ќе се спроведува под мотото „Среќна и безбедна 2015 година“.