Министерот за образование и наука, Абдилаќим Адеми и неговиот заменик Спиро Ристовски промовираа пакет од пет законски решенија чија цел се образовни реформи за креирање стабилно јадро на едуцирани граѓани кои ќе бидат движечка сила на социо-економскиот развој на државата.
Дел од законите се целосно нови, а дел се предлози за измени и дополнувања на постојни закони и се базирани на позитивните практики и искуства од далеку поразвиените земји и репери на глобалниот образовен простор.
Станува збор за нов закон за академија на наставници, нов закон за наставници во основните и средните училишта, измени и дополнувања на Законот за високо образование, нов закон за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишно, основно и средно образование, односно за педагошки факултети и предлог закон за обука и испит на директор за основно и средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење.
„Со реформите треба да се постигнат круцијални промени во образованието во насока на постигнување на една од најприоритените цели во владината програма за работа, а тоа е создавање на општество базирано на квалитетно знаење, односно знаење кое ќе биде основен стожер во понатамошниот развој на земјата“, рече Адеми.
Тој појасни дека станува збор за предлози кои се усвоени од Владата и кои ќе бидат предмет на јавна дебата и дискусија, при што сериозно внимание ќе биде посветено на сите конструктивни и издржани забелешки и сугестии, а први со кои ќе се сретнат и ќе разговараат се синдикатите.
Со пакетот педагошки реформи се предвидува зајакнување на капацитетите на постојниот и идниот образовен кадар во предучилишно, основно и средно образование, преку основање на Академија за наставници, унапредување на наставните програми за едукација на наставници и воведување систем на континуирана обука.
Се предвидува професионален и кариерен развој на наставниците преку прецизирање на категориите наставник ментор и наставник советник, придружен со дополнителен финансиски стимул, односно зголемување на месечната плата на наставниците.
Меѓу новините кои се предлагаат е и воведување систем на лиценцирање на наставниците кој ќе биде задолжителен за идните наставници, но нема да биде задолжителен за постојните наставници, кои, доколку сакаат да поминат низ процесот на лиценцирање, платата ќе им биде зголемена за 3.000 денари месечно. Дел од предлозите е и нов концепт за едукација и селекција на квалитетен менаџерски кадар кој ќе ги води училиштата.
Во врска со државниот испит, Адеми рече дека важи она што е досега појаснето, а Ристовски, пак, појасни дека е важно да се направи разлика оти државниот испит ќе се полага во два дела, а станува збор за еден испит и го подвлече значењето на овие реформи за земјата.
„Ние како земја не изобилуваме со огромни природни богатства. Нашето поле на борба треба да биде степенот на знаење и затоа ние сме решени да ги спроведуваме реформите кои ќе значат зголемување на квалитетот на образовниот систем во Република Македонија. Свесни сме дека можеби на краток рок дел од овие крупни реформи можат да ни донесат определени негативни политички поени. Но, за нас, тоа во оваа фаза не е најбитно, најбитен е долгорочниот ефект кој што ќе се постигне од нивното спроведување, а тоа е зголемување на вкупниот квалитет на образование, а со тоа и развој на државата на сите полиња“, појасни Ристовски.
За фискалните импликации од овие закони ќе бидат определни средства во буџетот. Сите пет законски решенија утре ќе бидат објавени на веб-страницата на Министерството за образование и наука.