Идниот месец ќе почне реализацијата на пилот-проектот за промоција на физичка активност и развивање на спортски вештини по пливање кај деца со Даунов синдром. Проектот е дел од Програмата за јавно здравје на Министерството за здравство за 2015 година. Активностите ќе се реализираат преку Заводот за физикална медицина и рехабилитација-Скопје, со организирање часови по пливање кои ќе бидат бесплатни за тие деца.
Ова на прес-конференција го истакна министерот за здравство Никола Тодоров, кој рече дека целта на пилот-проектот е подобрување на психофизичка состојба на децата со Даунов синдром, како и унапредување на нивниот севкупен развоен потенцијал. Светските искуства, посочи министерот, покажуваат дека стимулацијата и редовната физичка активност е најдобар третман за деца со Даунов синдром.
Нагласи дека часовите по обука за пливање ќе се одржуваат четири пати неделно по еден час почнувајќи од 17 часот, а едукацијата ќе ја спроведуваат врвни спортски тренери и асистенти со завршен Факултет по физичка култура, под водство на проф. д-р Наташа Мешковска, во соработка со Центарот за Даунов синдром.
„Децата кои ќе ги посетуваат часовите за обука за пливање пред нивното почнување ќе треба да направат соодветен здравствен преглед. Физичката активност, игрите и рекреацијата се методи кои на децата им помагаат да го развијат тонусот на мускулатурата и да ја развијат моториката. Воедно, со активноста како што е пливањето се поттикнува и тимска работа, се развива дисциплината и се зголемува социјализацијата на децата“, рече Тодоров.
Појасни дека пливањето како активност за децата со Даунов синдром е веќе докажана практика во многу земји и за таа цел постои и Меѓународна пливачка организација за лицата со Даунов синдром, која овозможува тие да се натпреваруваат во пливање во различни категории на меѓународно ниво.
Дауновиот синдром, потенцира министерот, не е болест, туку хромозомска состојба која е предизвикана од присуство на еден хромозом повеќе.
„Светската статистика покажува дека на секои 600-1.000 породувања, се раѓа дете со Даунов синдром, а во овие граници се движат случаите и во Македонија.Според статистиката на Институтот за јавно здравје, во Македонија годишно се регистрираат околу 12-17 случаи на деца со Даунов синдром до едногодишна возраст кои се испитани и потврдени на Клиниката за детски болести. Според податоци на Заводот за ментално здравје, во периодот од 1987 до 2014 година регистрирани се 305 лица со Даунов синдром до 18-годишна возраст“, рече Тодоров.
Во завршна фаза, посочи, се подготвителните активности за овој проект, а во изминатите неколку месеци комплетно е обновен базенот во Заводот за физикална медицина и рехабилитација.
Додаде дека заинтересираните родители ќе може да се обратат до Секторот за превентивна здравствена заштита при Министерството за здравство каде одговорно лице ќе ги направи групите.
Одговарајќи на новинарско прашање Тодоров истакна дека ќе одвојат нешто помалку од еден милион денари за Заводот за физикална медицина и рехабилитација-Скопје во кои ќе бидат вклучени трошоците за одржување и греење на базенот, како и за тренерите кои ќе работат со децата.