Овој комитет придонесе македонските експерти да се стекнат со нови знаења, искуства и добри практики во областа на заштитата на културното наследство …
Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети – ИКОМОС Македонија во последните две децении даде значителен придонес во истражувањето, заштитата и промоцијата на македонското културно наследство во светски рамки.
Ова денеска го истакна министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска во обраќањето на седницата која по повод 20-годишнината од основањето на Националниот комитет – ИКОМОС Македонија, се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.
Преку своите активности, посочи министерката, овој комитет придонесе македонските експерти да се стекнат со нови знаења, искуства и добри практики во областа на заштитата на културното наследство кои понатаму најдоа своја примена и имплементација во делувањето на институциите во државата кои станаа дел од меѓународните мрежи со сродните институции.
„Културното наследство на Република Македонија и од историски и од културолошки аспект, е еден од главните атрибути за препознатливост и промоција на нашата држава на културните мапи на Европа. Токму затоа една од највисоките заложби на Владата и Министерството за култура е заштитата на културното наследство, валоризирањето на неговите потенцијали, но, се разбира и промоцијата на сите вредни артефакти кои го потврдуваат нашето траење во историски контекст,“ рече Канческа-Милевска.
Потенцира дека со Националниот комитет на ИКОМОС досега реализирале бројни активности кои биле во функција на унапредување на конзервацијата, заштитата и рехабилитацијата на културното наследство кое го поседуваме.
Националниот комитет во партнерски однос со Министерството изминатиот период реализираше повеќе од 20 форуми и три големи регионални конференции преку кои остваривме соработка со другите национални комитети во регионот и размена на искуства во заштитата на спомениците на културата, отстранувањето на сите недоследности во однос на неговиот третман, како и во подобрување на легислативата за културното наследство каде Националниот комитет на ИКОМОС во Македонија понуди повеќе решенија во контекст на неговата заштита, потенцира Канческа-Милевска.
Претседателот на Националниот комитет – ИКОМОС Македонија, Лазар Шуманов рече дека основни цели на Комитетот се унапредување на заштитата, конзервацијата и ревитализацијата на спомениците, група градби и локалитети на локално, национално и меѓународно ниво, поттикнување на интересот во Македонија за нивен поквалитетен третман и подигнување на свеста на јавноста за нивните вредности, значење и опасностите на кои се изложени…
Посочи дека Комитетот изработува студии, анализи, елаборати, програми, експертизи и реализира конкретни проекти, организира предавања, советувања, симпозиуми, трибини, работилници, изложби, промоции и други облици на работа и презентација за постигнатите резултати.