Раководителот на Секторот за туризам и локален економски развој, Ѓоко Апостолов, на денешната прес-конференција ја најави програмата за дочекот на Новата 2015 година на Градскиот плоштад во Охрид.
„За дочекот на Новата 2015 година на Градскиот плоштад „Свети Климент Охридски“, Локалната самоуправа организира богата забавна програма. Во новогодишната програма која ќе започне на 31 декември во 21 часот, домашните и странските туристи како и охриѓани ќе ги забавуваат Владо Јаневски, Петар Нечески и групата „Камелеон“.“ – најави Апостолов.
Тој додаде дека со настапот на овие естрадни уметници ќе се привлече вниманието на охриѓани и туристите највеселата ноќ да ја поминат на градскиот плоштад.
Точно на полноќ ќе има голем огномет со кој ќе се надополни празничниот амбиент на прекрасно украсениот Охрид и ќе се означи почетокот на Новата 2015 година.
Предновогодишните празнувања, како што рече Апостолов ќе започнат на 22 декември со секојдневни настапи на ученици од охридските основни и средни училишта, детската градинка „Јасна Ристеска“, голем број културно-уметнички друштва, оркестри и ансамбли, балетски и танцови студија и рок групи. Настапите ќе се одвиваат во времето од 18 до 20 часот во работните денови, а од 12 до 16 часот за време на викендите.