Конкретизирана соработката помеѓу МОК и ИОК

Во Лозана, седиштето на ИОК, на 20 Мај, се одржа едночасовна официјална средба помеѓу делегацијата на Македонскиот олимписки комитет, предводена од претседателот на МОК, Васил Тупурковски, генералниот секретар Сашо Поповски, спортскиот директор Владимир Богоевски и претседателот на ИОК, Томас Бах и Директорот на ИОК, Пере Миро.

На оваа средба претседателот Томас Бах уште еднаш му ја честиташе наградата „Пјер де Кубертен“ на Васил Тупурковски и му се заблагодари за досегашниот придонес изразувајќи силна верба дека соработката ќе биде уште поблиска и поконкретна.

Во тој правец, Васил Тупурковски побара и доби ветување од претседателот Томас Бах за голема финансиска помош за изградба на Олимпискиoт центар на МОК.

Истовремено, претседателот Бах изрази големо задоволство за посветеноста и работата на МОК во насока на унапредување на Олимпизмот и спортот во Македонија. На средбата, беше добиено и ветување од Директорот на ИОК, Пере Миро, за зголемување и унапредување на олимписките програми на МОК наменети за спортистите и за ре-едукација на стручниот кадар на Националните спортски федерации.