Неовластено набавил ситно сечен тутун и со препродажба го оштетил буџетот на РМ за 195.750 денари

СВР Скопје – Единица за економски и компјутерски криминал, со кривична пријава до надлежното ОЈО Скопје го предаде лицето Џ.И.(52) од Скопје, за сторени две кривични дела согласно Законот за акцизи и тоа „недозволено пренесување на акцизно добро односно стока или користење на акцизна дозвола или одобрение“ (чл.59) и „недозволено тргување со меѓупроизводи, етил алкохол и тутунски добра, односно стоки“ (чл. 60) со што го оштетил буџетот на Р.Македонија за вкупен износ од 195.750 денари. Од страна на Судија во претходна постапка му е одредена мерка притвор во траење од осум дена.

Имено, во текот на овој месец пријавениот од непознато лице набавил и на територија на Р.Македонија пуштил во акцизно правен слободен промет тутунски добра кои подлежат на акциза, а истите необележани со контролни марки (тутун за пушење во форма на фино сецкан тутун кој може да се пуши без натамошна индустриска преработка и е наменет за да се продаде за виткање цигари) при што истите ги складирал во неговиот дом во с. Љуботен, скопско.

На 18.12.2014 година дел од фино сецканиот тутун го натоварил во патничко моторно возило и се упатил кон Тетово со намера да го продаде. Притоа, околу 07,00 часот, на влезот во Тетово бил сопрен од страна на полициски службеници кои при контрола и преглед на внатрешноста и багажниот простор на возилото пронашле 14 црни вреќи во кои имало вкупно 145 килограми фино сецкан тутун. Пронајдениот тутун заедно со возилото, сообраќајната дозвола и клучевите од истото се одземени, а врз основа на Наредба од Основен суд Скопје 1 Скопје извршен е претрес во домот на пријавениот при што во помошна просторија во дворното место биле пронајдени уште три вреќи со режан тутун, без контролни марки и истите се одземени од синот на пријавениот.

При претресот во домот на пријавениот пронајдени се и ловна пушка калибар 16 мм, пушка марка „Заводи Црвена Застава“ калибар 8,57 мм ЈС, 32 ловни патрони калибар 16 мм и шест куршуми за огнено оружје калибар 8,57 мм кои се одземени од синот на пријавениот и доставени за вештачење и дополнителни проверки со цел да се утврди нивното потекло и дали истите се предмет на кривични дело.

Од извршените проверки во Централен регистар на РМ утврдено е дека пријавениот не е евидентиран како законски оснивач, содружник или застапник во ниту едно правно лице евидентирано во единствениот трговски регистар и регистарот на други правни лица.