Инвестицискиот пакет на Европската комисија вреден 315 милијарди евра беше главна тема на Самитот на Европската народна партија (ЕПП) што се одржа во „Егмонт” палатата во Брисел.
Ова го потврди претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски, кој заедно со европските лидери и челници на Влади и опозициски партии, меѓу кои и германската канцеларка Ангела Меркел, премиерите на Грција, Шпанија, Ирска, Андонис Самарас, Мариано Рахој и Енда Кени, како и лидерскиот двоец на ЕУ, Жан-Клод Јункер и Доналд Туск, присуствуваше на Самитот на ЕПП.
Премиерот Груевски посочи дека Инвестицискиот пакет и позицијата на европските демохристијани било главна тема на дискусија и оти во тој правец, ЕПП не се залага само за давање пари, туку и за инвестирање на средствата, за одржлив буџет и паралелни структурни реформи.
„Тука, ЕПП ја разбира разликата со европските социјалисти и демократи. Се говореше за некакви детали околу тоа, проекции и пресметки. Втора главна тема беше состојбата во Украина и она што се случува на теренот, односно проблемите на Украина на финансиски план, при што е изразена поддршката од страна на Европската унија, вклучително и финансиската поддршка за која дел од присутните оценија дека не е доволна и оти е можеби помалку од половината од она што е потребно,“ вели премиерот Груевски.
Според првиот човек на македонската Влада, кој на овој Самит присуствуваше како лидер на партијата ВМРО-ДПМНЕ, која е асоцијативна членка на ЕПП, денеска се разговорало и за политичките состојби внатре во Украина и овие две теми, со Инвестицискиот пакет, доминирале.
Груевски информира дека биле присутни и голем број на лидери на европските држави, при што со поголем дел од нив остварил и неформални контакти.
„Првпат се сретнав и со новиот еврокомесар за преговори за проширување Јоханес Хан, со кого поразговаравме кусо, при што договоривме понатаму да оствариме и работна средба повразана со Република Македонија. Се сретнав и со голем број премиери, заменици-премиери и лидери на опозициски партии, со луѓе што се дел од Европската комисија, со претседателот на ЕПП, Жозеф Дол и можам да кажам дека беше корисно оти разменивме информации и со сите нив разговаравме за Македонија,“ додава Груевски.
Предвидено е денес попладне, премиерот Груевски да оствари средба со новиот претседател на ЕС, Доналд Туск.