Во меѓународната финансиска зона во Македонија секој капитал ќе доаѓа од проверен извор. Регулативата треба да биде заокружена во првиот квартал следната година, а зоната да профункцинира во летото 2015. Првите компании или финансиски друштва се очекува да почнат да работат во македонската финансиска зона во 2016 година.
Тоа го истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески во дебатна емисија на Македонската телевизија.
Финансиските зони, укажува Ставрески, воопшто не се наменети за привлекување неидентификуван или нечист капитал.
„Напротив, никаква оф-шор зона не се предвидува да се формира. Се предвидува да се формира зона во која секој капитал ќе доаѓа од проверен извор, од реномирана банка во светот и ќе се аплицираат сите правила коишто важат за проверка на средствата во функција на спречување прилив на капитал којшто е од неидентификувани извори. Значи, надлежностите на Финансиската полиција, на Управата за јавни приходи, на сите оние кои сега имаат надлежности во следењето на финансиските текови ќе бидат и во рамки на зоната“, истакна Ставрески во дебатна емисија на Македонската телевизија.
Во зоната, појаснува, е битно да имаме и регулатива што ќе биде привлечна и препознатлива за инвеститорите бидејќи финансиските друштва посебно се чувствителни и бараат нешто што е препознатливо. Во таа насока, според вицепремиерот, ќе бидат проверени уште еднаш најдобрите практики во светот.
„Ќе земеме дел од англиското право, значи англосаксонската основа за базичните закони за решавање спорови меѓу фирмите во рамки на зоната и слично, регулативата за инвестициски фондови од Луксембург е добра, ќе ја надоградиме со некои добри други примери и на тој начин ќе креираме една единствена регулатива која што ќе важи за македонската финансиска зона која што ќе можат странските финансиски друштва полесно да ја препознаат, да видат дека е таква што им обезбедува заштита од некомерцијален ризик и им ги обезбедува сите права што ги имаат во развиените земји, но од друга страна трошоците им се пониски, “ вели Ставрески.
Тоа, потенцира, ќе даде бенефит бидејќи со доаѓањето на тие друштва ќе има вработувања на кадар од Македонија, тоа се повисоко платени работни места, ќе има услуги што ќе се вршат во тие зони, ќе има ноу-хау, она што е многу значајно – знаење кое што ќе го донесат тие финансиски друштва за производи што ги нема во Македонија.
„Тоа ќе им помогне и на домашните финансиски институции да растат односно да ги развиваат и тие дејности бидејќи сметам дека едно што недостига во Македонија, а е поврзано со претходните теми, е излегувањето на фирмите на пазарот на капитал како начин на финансирање на нивните потреби, а тоа и делумно заради тоа што на другата страна нема некој којшто може да им помогне на фирмите за развој на продукти или за презентирање на сопствените идеи како што треба“, укажува вицепремиерот Ставрески.
Затоа, додава, е важно во Македонија да се развијат различни инструменти што ќе овозможат фирмите да не зависат само од класичните банкарски кредити, туку да можат на различни начини да добијат финансиска поддршка директно или индиректно.
„Македонските компании, македонските финансиски друштва и македонските банки ќе имаат корист преку стекнување знаење како треба одредени продукти да се понудат, да се дизајнираат и на тој начин и македонската економија да има корист од отворањето на финансиската зона“, оценува Ставрески.
Секако, укажува, треба добра подготовка и добра анализа и речиси една година се работи на анализа на искуствата на другите земји.
„Веќе почнавме да работиме на нацрт-верзијата на законската регулатива и тука ги користиме можностите за анализа од други земји, но и консултанти коишто може да помогнат, а имаат значајно искуство во подигнувањето на вакви финансиски зони. Очекувам процесот да се заокружи од аспект на регулатива некаде до крајот на првиот квартал од 2015 и некаде летото 2015 да профункционира зоната“, наведува Ставрески и потенцира дека во меѓувреме исто така е потребно да се работи и на промовирање на зоната.
Тоа, според него, е секако макотрпен процес којшто значи да се дојде во контакт со финансиските друштва во светот што имаат ваква потреба и можност, да се објаснат условите во Македонија, да им се објасни тоа што планираме да го направиме дека е нешто што им е познато, што функционира на друго место, не е нешто што е сосема ново или непознато за нив бидејќи непознатото нормално ќе креира одбивност кон тој концепт. Тоа е процес каков што беше и за слободните зони каде што ги имаме странските компании во делот на индустријата. Ништо не се случува во животот лесно и ништо не доаѓа преку ноќ. Треба многу работа. Но, ако не почнеме нема ни да стигнеме таму каде што сакаме да стигнеме. Ако сега почнеме некаде во 2016 година веќе очекувам првите фирми и компании или финансиски друштва да почнат да работат во рамките на македонската финансиска зона, вели вицепремиерот Ставрески.
Со оглед на искуствата од претходните промоции за слободните економски зони на сличен начин ќе се идентификува прво кои се финансиските друштва и компании коишто имаат потенцијал и потреба од пренесување дел од бизнисот во земја каде што има исто така квалитетна регулатива и добри бизнис услови, но помали трошоци. Потоа, најавува, ќе пробаме да дојдеме директно во контакт да ги објасниме можностите што ги нуди Македонија.
„Секако е битно да почне. Кога една, две, три компании ќе влезат или банки или инвестициски фондови тогаш оди многу полесно бидејќи сите чекаат некој друг прв да го направи тоа. И така беше. Сега на пример, кога знаат компаниите дека „Џонсон Мети“ или „Џонсон Контролс“ се решил да инвестира во Македонија многу полесно голем број на други помали компании доаѓаат. Така ќе биде и со зоните. Очекувам да почнеме постепено, но, како изминува време ќе ја градиме репутацијата. Важно е да покажеме квалитет во настапот, во презентацијата на можностите и конзистентност во политиките – да нема промена на политиките преку ноќ бидејќи тоа создава несигурност кај инвеститорите. Тоа е многу значајно. Од досегашното искуство тие го ценат тоа – опстојуваш на политиките и имаат одлична предвидливост“, потенцира Ставрески.
Тој нагласува дека намалувањето на невработеноста за Владата останува најголем предизвик и оти се што се работи е насочено кон подобрување на бизнис амбиентот, да има домашни инвестиции од фирмите, да се отворат нови фирми и старт-ап компании, да се отворат работни места во рамки на слободните економски зони и финансиската зона.
„Сето тоа што го правиме со сите тие мерки се насочени кон една и единствена крајна цел, а тоа е невработеноста во Република Македонија да ја спуштиме на ниво кое што е соодветно на европска земја и верувам дека трендот, а и поставеноста на политиките ветуваат дека постепено, не преку ноќ, но постепено ќе успееме во таа цел,“ посочи вицепремиерот и министер за финансии Ставрески во дебатна емисија на Македонската телевизија.