Законската обврска за плаќање на придонесите на хонорарните работници е во длабока корелација со правата на работниците со загарантирањето на нивните работни места и воведување норми коишто се речиси во сите држави во Европа, истакна премиерот Никола Груевски.
Плаќањето придонеси за хонорарите, потенцира тој, се прави во речиси сите земји во Европа односно во 95 проценти од државите во Европа е така како што е сега законот во Република Македонија. Според него, дали во две, три или четири држави во Европа не се плаќаат придонеси на хонорарите, а во сите други се плаќа.
„Второ и можеби клучно, е проблемот што оставањето на неплаќање придонеси на хонорарци ги стимулира работодавачите да не ги вработуваат луѓето, туку да ги држат на хонорар. Тоа не е добро за луѓето затоа што секогаш имаат неизвесност дека лесно може да бидат отпуштени, да им биде прекинат договорот за хонорар, да немаат правен начин како да се борат за своето работно место,“ рече премиерот Груевски одговарајќи на новинарско прашање.