Претседателот Иванов со честитка по повод Денот на наставата на турски јазик

Претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, по повод одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик – 21 декември, упати честитка до припадниците на турската заедница во Република Македонија.

„Почитувани сограѓани,

Дозволете ми до сите припадници на турската заедница во Република Македонија, да упатам искрени честитки по повод одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик.

Јазикот ја претставува душата на една нација. Во него е содржан кодот на идентитетот на еден народ. Можностa за образување, творење и напредување на својот мајчин јазик, е вредност која придонесува за развојот на културниот плурализам во државава. Република Македонија е сплет на различни култури и религии, кои меѓукултурно нè поврзуваат и нè обединуваат. Почитувајќи ги традицијата и посветеноста за негување и унапредување на меѓусебните односи во земјава, го одбележуваме празникот на турската заедница како ден кој сплотува и ги зацврстува меѓусебните односи.

Во оваа пригода, не можеме а да не ја споменеме и цврстата соработка со Република Турција, која се одвива во духот на пријателството, меѓусебното почитување и разбирање. Како долгогодишни пријатели и стратешки партнери, имаме постојан дијалог и интензивна соработка во реализацијата на проекти од различни области.

Во пресрет на одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик, сакам да порачам, и во иднина заеднички да продолжиме да ги негуваме културните особености и да работиме на промоција на културниот, образовниот, економскиот и општествен развој на Република Македонија.“- стои во честитката.