Американска компанија со главно седиште во Минхен во Германија е заинтересирана за инвестиција во Македонија. Од компанијата неколку пати ја посетија нашата земја и избираа помеѓу неколку локации, но фаворит остана регионот во северо-западна Македонија.
Ова го истакна министерот без ресор задолжен за привлекување странски инвестиции Веле Самак на денешната отворена владина седница.
„Со вицепрепемиерот Пешевски успеавме да ги убедиме дека сепак она што се нуди во Македонија од целокупниот пакет на трошоци е всушност најдобар и најконкурентен. По нашата посета таму, тие веднаш направија посета во Македонија. Чекаме да поминат празниците и се надеваме дека за еден месец тоа ќе се официјализира. Тоа би било поголема инвестиција, со вработувење за над 2.500 луѓе“, истакна Самак.
Дека оваа инвестиција оди во добар правец смета и вицепремиерот Владимир Пешевски.
„Очекуваме официјално добри вести во скоро време, иако вака неофицијално мислам дека работата е завршена“, додаде Пешевски.