Од следната година се планира по илјада наместо како досега 500 лекари, медицински сестри и друг медицински персонал, од кои најмалку 800 ќе бидат лекари, да одат на обука во поразвиени болници и клиники насекаде во светот во најголем дел во Америка и во Европа, а дел од нив и во Азија, информираше премиерот Никола Груевски одговарајќи на новинарско прашање со каква динамика ќе се интензивира овој проект, по завршувањето на денешната традиционална средба со коалициските партнерти „За подобра Македонија“.
Тој потсети дека веќе има широко распространета мрежа на склучени договори за соработка со огромен број болници и затоа проценките се дека оваа бројка за обуки на медицински кадар е остварлива.
„Тоа значително ќе придонесе за зголемување на квалитетот на здравстената услуга во Македонија. Не е работата само да имате лекари и да отидете на лекар, а некои од нив да ве лечат и со методи стари по 20 години, одамна напуштени или пак да не ги применуваат најновите методи за дијагностика или за хируршки зафати или за било каква интервентна медицина, туку тоа да го имаат нашите граѓани она што е најмодерно и најсовремено и онаму каде што медицината отишла најнапред да го има и во Република Македонија“, рече Груевски.
Овие обуки ќе се одвиваат на тој начин што македонските лекари ќе отидат со цел да бидат обучени за некоја метода и без да научат, како што потенцира, нема да се вратат.
– Значи нема да биде целта само да отидат и нешто да научат, туку комплетно да научат одредена метода и потоа да се вратат, да ја применат во Република Македонија и да ја пренесат и на други лекари. Покрај ова ќе имаме и специјален ангажман со одредена група на болници во коишто на подолг рок ќе пратиме одредена бројка на лекари од шест специјалности кои ќе останат година или повеќе за да станат уште поголеми специјалисти за одредени гранки во медицината. Ќе одат по тројца со обврска потоа секој од нив да обучи уште по двајца во Македонија. А за тоа колку добро ги обучиле ќе дојде специјална екипа од таму од каде што тие биле за да проверат дали откако се вратиле навистина добро ги обучиле за да создадеме една мрежа на лекари кои се одлично обучени за најсовремени методи во медицината што е на задоволство и за потреба на граѓаните на Република Македонија, образложи премиерот Никола Груевски.