Секоја акција и секој проект што е наменет за граѓаните и што ќе им помогне да решат големо прашање е добар проект, истакна вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески на викенд забавата „Купи куќа, добиј стан“ која се одржа денеска во трговскиот центар „Рамстор“, поддржана од двата проекта „Купи куќа, купи стан“ и „Фискална во рака, награди без мака“ на Министерството за финансии.
„Верувам дека низ средбите што ги имаат тука со банките, со претставниците на Министерството за финансии, со градежните компании можат на едно место да ги добијат сите информации“, рече Ставрески и додаде дека задоволувачки се бројките на апликациите за проектот „Купи куќа купи стан“.
Преку 50 барања се добиени за последните две недели што покажува, како што рече, дека проектот е добро осмислен и дека го исполнува она што граѓаните го очекуваат.
„Проектот покажува дека е добро осмислен и дека го исполнува она што граѓаните го очекуваат од Владата, а тоа е да им помогне посебно во првите години во купувањето на стан или изградбата на куќа за полесно да ги плаќаат ратите кон банките и да го решат станбеното прашање односно прашањето на сопствен дом“, истакна Ставрески.
Информира дека Министерството за финансии наредната година планира да отвори канцеларија во зградата на Министерството која во одреден дел од денот ќе дава информации на граѓаните за проектот „Купи куѓа купи стан“.
„Ќе го отвориме Министерството за финанси за граѓаните секојдневно да можат да се информираат и за субвенциите што ги даваме преку проектот, за со кој банки можат да контактираат па и да им помогнеме со нив ако има потреба или со градежните компании за тоа каде има плацеви за куќи и какви куќи можат да добијат односно да изградат,“ рече Ставрески.
Додаде дека и понатаму ќе продолжат со истиот стил на работа, односно дека ќе бидат отворени за граѓаните со цел да го решат прашањето за сопствен дом преку проектот „Купи куѓа купи стан“.
На забавата, граѓаните кој имаа десет пликоа со по 20 фискални сметки за учество во „Фискална во рака, награди без мака“ и собрано шест клучеви во 6 различни бои од штандовите на саемот „Купи куќа, купи стан“ добиваа пакет грепки од Државна Лотарија и можност да погодуваат на Среќната табла за телевизор, фрижидер, таблети, мобилни телефони, дебитни картички од по 5.000 и 3.000 денари, апарати за домаќинство, новогодишни пакетчиња…
Посетителите на Рамстор ги забавуваа Драган Даутовски, Маја Панчева, Сара Мејс, Дарко Илиевски, Александар Тарабунов, Куку Леле, Симона Поповска, Давид Нешковски Трио, Игор Митровиќ, Мијата и многу други музичари и уметници. Забавата ќе трае и утре.