Автомобилистот Игор Стефановски – Иџе е избран за спортист на Македонија во организација на Агенцијата за млади и спорт. Тој во оваа календарска година успеа да стане европски шампион на ридски патеки.
„Благодарноста за ова признание не можам да ја искажам со зборови. Ова е за мене поголемо и од европската титула затоа што доаѓа од мојата држава, затоа што доаѓа како избор од спортски работници и од новинари и медиуми кои цело време ме поддржуваат. Се надевам дека успехот на интернационалната сцена ќе го повторам и следната година“, – изјави Стефановски по добивањето на признанието.
Признанието најдобра спортистка и припадна на фудбалерката Наташа Андонова, додека за најдобар македонски спортист во странство е прогласен ракометарот Кирил Лазаров.
За најдобар тренер наградата ја доби селекторот на машката одбојкарска селекција Жарко Ристоски, а најдобра федерација во 2014 година е прогласена ракометната. Признанието најдобар машки тим го освои машката ракометна репрезентација, а кај жените најдобра е карате селекцијата. Најдобар спортист со инвалидитет е Оливера Биковска – Накова (стрелаштво).
Во конкуренција на млади спортисти наградени се каратистите: Берат Јакупи (мажи) и Поликсенија Јовановска (жени).
Признанија за придонеси во спортот добија: Томи Стефановски (пливање), Индира Кастратовиќ (ракомет) и Лино Червар (ракомет), додека како стопанственици кои придонесуваат во спортот наградени беа Минчо Јорданов (Металург) и Сергеј Самсоненко (Вардар).
Во рамките на универзитетскиот спорт наградата ја доби Карате репрезентацијата на Македонија, кај средношколците признанието го доби СОУ „Јосип Броз Тито“ од Битола, а кај основните училишта наградата е за ОУ „Св. Климент Охридски“ од Македонски Брод.