„Ми претставува задоволство што денес можеме да презентираме уште еден извештај кој ни укажува во каква насока се движиме и во колкава мера ги исполнуваме очекувањата на граѓаните. Токму мислењето на граѓаните за нас е една од најрелевантните оценки бидејќи на избори тие ги казнуваат и наградуваат вистинските или погрешните политики, но и го даваат мандатот и ги поддржуваат проектите и програмите за кои мислат дека ќе го подобрат нивниот живот“. Ова меѓу другото го истакна денес министерката за внатрешни работи м-р Гордана Јанкулоска на презентацијата на извештајот што ОБСЕ во соработка со МВР го спроведува на секои две години, – “Истражување на јавното мнение за полициското работење“, и на која што присуствуваше и амбасадорот на мисијата на ОБСЕ во РМ Ралф Брет.
Јанкулоска истакна дека: „проектот, односно истражувањето кое на секој две години се изработува во соработка со ОБСЕ, за нас претставува важен тест за сработеното и показател во кој правец треба да го насочиме нашето внимание. Кога на тоа ќе се надодаде и фактот дека преку ова истражување се детектира и ставот на полициските службеници околу истите прашања, добиваме еден сериозен документ за состојбите во изминативе две години, но и споредба со претходните 12 години, откако се спроведува анкетата.
Од последното истражување може да се констатира дека продолжува позитивниот тренд на зголемување на задоволството на граѓаните од работењето на полицијата, а токму тоа е најважната причина заради која постоиме како сервис. Почнувајќи од 2008 година, откако се мери овој податок, процентот на граѓани кои се задоволни од полициското работење е зголемен за близу 20 отсто. Иако изминативе две години бележиме мал раст од околу 2%, сепак успеавме да ја минеме линијата од 50%, односно 51,5% од граѓаните годинава искажале задоволство од работењето на полицијата.
„За приближно 3 проценти во изминативе две години е зголемен и бројот на граѓани кои и веруваат и ја почитуваат полицијата во нивната заедница, тренд кој продолжува од 2004 година наваму. Имено за сите овие години довербата и почитувањето се зголемени од 41,4% на 64,2%. Во контекст на довербата на граѓаните во полицијата, само би додала дека просекот во земјите членки на Европската Унија, според Еуробарометар изнесува 42%. Фактори кои влијаат на степенот на доверба, според истражувањата се ефективноста во полициското работење, фер односот и споделувањето на исти вредности и интереси со граѓаните, како и силното посветување на заедницата. Затоа високиот процент на доверба од страна на граѓаните нас не прави особено горди.
Бележиме континуиран напредок и во неколку други важни параметри. Имено за неколку проценти се зголемил бројот на граѓани кои позитивно одговориле на прашањата „Полицијата еднакво се однесува кон сите граѓани“, „Полицијата кон сите граѓани се однесува со почит“, „Полицијата се однесува фер со луѓето“ и „Полицијата еднакво се однесува кон сите етнички групи“. Кумулативно, споредбено со 2004 година кај сите овие ставки растот се движи од 20 до 25 проценти.
Мора да нагласиме дека по некои ставки постои стагнација или намалување, кое колку и да е мало, мора да биде соодветно препознаено и во иднина да ги корегираме нашите активности по тие прашања. Поконктретно, во изминатиов двегодишен период имаме намалување за 0,6% на граѓаните кои ценат дека „Соработката помеѓу полицијата и граѓаните е задоволителна“. Стагнирања на напредокот или слични мали падови има и по однос на прашањата „ Полициските службеници обрнуваат внимание на проблемите со луѓето“, „Полицијата се труди да ги подобри односите со граѓаните“. факт е дека сите овие категории се сеуште повисоки за 20% во однос на 2004 година, но нашиот став секогаш бил да не се мериме со нашите претходници, туку со најдобрите резултати, а мора да се признае дека беше исклучително тешко да се надмине последниот извештај од 2012 година.
Подеднакво важно за нас е и мислењето на граѓаните за транспарентноста во работењето, што е едно од нашите основни начела. Во овој аспект, повторно бележиме напредок од нешто повеќе од 3%, односно мислењето на граѓаните е на највисоко ниво од 2008 година наваму, односно откако се мери јавното мнение и во оваа област. Имено 71,5% од граѓаните позитивно одговориле на прашањето : Полицијата успешно ги користи медиумите (ТВ, интернет, радио, печат) за објавување на информации за јавната безбедност.
За крај би се осврнала уште на делот од истражувањето кој највеќе ни укажува каде треба да ги насочиме нашите напори, односно кои се најголемите грижи на заедницата. Се разбира дека тие варираат од општина до општина, но како еден вид константа се јавува загриженоста на граѓаните од „Непочитување на правилата и прописите на сообраќајот“. Токму овој проблем беше прворангиран од граѓаните и во минатото истражување. Како второрангирана е загриженоста на граѓаните од „кражби“, проблем кој во 2012 година беше треторангиран. Истиот проблем оваа година го замени местото со грижата на граѓаните од „ Животни – скитници“. Потоа, согласно рангирањата следат грижите околу „Продавање дрога во заедницата“, „Користење дрога во заедницата“, „Разбојништво“, „Малолетничка деликвенција“, „Вандализам“, „Консумирање алкохол“, „Семејно насилство“ и „Проституција“.
Во мое лично име и во име на Министерството за внатрешни работи можам да ви ветам дека сериозно ќе го анализираме извештајот и ќе се обидеме да изготвиме соодветна стратегија за адресирање на секое прашање поединечно, со единствена цел во иднина да продолжиме да го унапредуваме угледот на полицијата“, заклучи на крајот Јанкулоска.