Градоначалникот на Охрид Никола Бакрачески, денеска на новинарско прашање по којзнае кој пат во детали го обелодени астрономски големиот наследен долг на општина Охрид и потенцира дека секој друг износ на долгот изнесен од страна на опозициските советници е обид за популизам и водење на дневна политика.
„Ние сме навикнале претставници на опозицијата да даваат крајно лажни и исконструирани изјави во јавноста без многу факти и аргументи со многу извртувања на фактографијата која што можат да ја добијат на увид. Јас навистина жалам што и понатака охридската јавност буквално се малтретира со вакви конструирани изјави од страна на опозицијата, меѓутоа претпоставувам дека граѓаните веќе навикнале на таков начин на комуникација со нив па можат сами да претпостават кој ја зборува вистината а кој не.
Институциите Градоначалник и Советот на општина Охрид се сериозни институции кои што се избрани директно од народот и тие имаат одговорност коректно и вистинито да ги информираат граѓаните кои ги избрале и донеле на власт.
Сите ние и јас како Градоначалник и Советот и општинските служби имаат обврска да ја информираат охридската јавност онака како што говорат фактите, аргументите и доказите кои ги имаме и со кои располагаме официјално а не да зборуваме за дневна политика и популизам.
За износот на долгот на општина Охрид многупати сум зборувал и сум давал многу изјави . На денот на добивање на мандатот долгот на општина Охрид по сите основи на задолжување, вклучително на доспеани и извршни судски решенија со пресметана камата во поглед на доспеани а неотужени обврски, по основ на недоспеани обврски за извршени услуги од страна на доверители на општина Охрид за кои што претходно биле потпишани договори, по основ на отужени обврски за неисплатени финансиски средства на доверителите и по основ на претходно потпишани договори , задолжувањето на општина Охрид на 4-ти април 2013 година односно кога јас го добив мандатот изнесуваше 2 милијарди 38 милиони денари. Овој износ на долгот сум го кажал многупати. Во веродостојноста на изнесените податоци може да се уверат сите охриѓани кои знаат да го проценат политичкиот популизам на претставници на опозицијата тогаш кога велат дека наводно општинскиот наследен долг бил помал“– изјави градоначалникот Бакрачески.