Како министер надлежен за образование и наука, се залагам за подобрување на условите за работа на наставниот кадар во сите нивоа на образованието, подобри услови за учениците и студентите, и за вклучување на сите заинтересирани страни во креирањето на политиките во образованието. Но, морам да истакнам дека до крај ќе се залагам за да се стави крај на негативните појави во образованието, затоа што наша одговорност е да обезбедиме квалитетно образование за здраво општество и европска визија на нашата држава. Се надевам дека за ова ќе имам подршка и од Вас, Академската заедница, истакна министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми на јавната дебата која се одржа во Собранието за предложените реформи во високото образование.
„Предложените измени имаат за цел да ја подобрат состојбата во образованието, состојба која е констатирано при контролата врз Високообразовните институции, приватни и јавни, но и следејќи ги европските и светските трендови во образованието“, додаде Адеми.
Изминатиов период, потенцираше Адеми, анализиравме неколку параметри и утврдивме индикатори за мерење на квалитетот на високото образование.
„Општа констатација е дека квалитетот на образованието паѓа. Денеска, но и во иднина нема да барам виновници, затоа што доколку губиме време во изнаоѓање на виновници само ќе се губиме во лавиринти. Многу добро ги знаеме причините. Ги имаме зацртано и целите и визијата. Токму затоа сакаме да ги елеминираме причините и да ја постигнеме заедничката цел – подобри услови за вработените и студентите и поквалитетно образование,“ потенцираше Адеми, напоменувајќи дека е извршена детална контрола на сите приватни високообразовни институции.
За жал, додаде тој, во ниту една од нив немаат ангажирано адекватен наставен кадар, кој е главниот столб за квалитетно образование.
„Мислам дека се дефокусираше главната мисија на овие институции, а тоа е да бидат конкурентни во квалитет со јавните универзитети. Да бидам коректен до крај, и во некој од јавните високообразовни институции има недостатоци. Наш заеднички ангажман треба да биде, исполнување на условите во сите високообразовни институции и поквалитетно образование“, истакна Адеми, напоменувајќи дека стопанствениците и странските инвеститори посочуваат дека се соочуваат со проблеми кога бараат квалификувана работна сила и дека добар дел од дипломираните кадри не ги задоволуваат минимум критериумите и знаења.
Во пакетот на закони во образованието во фокусот се студентите и наставниот кадар во сите нивоа на образованито во државата.
„Кога се одлучивме да предложиме измени се водивме од неколку начела, и затоа, предложивме државниот испит да го спроведува Одборот за акредитација и евалуација, тело кое во иднина ќе брои единаесет члена и ќе биде избрано од Собранието и тело кое врши акредитација и евалуација на студиските програми на јавните и приватните високообразовни институции во Република Македонија“, додаде Адеми, истакнувајќи дека додека за законот се дебатираше во Собранието, од неколку Универзитети и студентски организации пристигнале и конкретни предлози за усогласување на студиските програми на Високообразованите унституции со студиските програми на најдобро рангирани Универзитети во светот по области, како и конкретни предлози за државниот испит.
Министерството, истакна Адеми, ги анализираше предлозите и смета дека се прифатливи и доколку има предлози во вид на амандмани од страна на пратеничките групи истите ќе бидат прифатени.
За објавувањето на трудови во списанија со импакт фактор, министерот Адеми, посочи дека Министерството е свесно дека ова бара предуслови, но и сериозен ангажман на наставниот кадар.
„Целта е да се подобри квалитетот на високото образование, но и другите нивоа во образованието. Министерството за образование и наука е отворено за дебата и конкретни предлози, и истите ќе се анализират и може да бидат прифатени. Ќе дебатираме и размениме мислења, но не значи дека за се ќе се усогласиме“, рече пред пристуните членови на Интеруниверзитетската комисија, министерот за образование и наука м-р Абдилаќим Адеми.