Кога се прави покрупна реформа како оваа, со внесување на еден сериозно нов елемент, кој бара големо администрирање, секогаш има работи кои можеби ќе бидат пропушени, па подоцна ќе се надоградат. Верувам, дека до спроведувањето на овој закон, а тоа е од средината на 2017 година, ќе дојдат и нови идеи што ќе можат да го зајакнат текстот на законот и ние нема да се двоумиме да ги прифатиме, истакна премиерот Никола Груевски на дебата за измените на Законот за високото образование.
Од оваа дебата, како што посочи премиерот, произлегоа работи кои укажуваат дека во иднина имаме уште многу простор за подобрување на состојбите во високото образование. Предлозите од неа ќе бидат сублимирани, најави тој, и се што може да се вклопи, ќе биде вметнато во конечната верзија на законот. Груевски рече дека уште вечерва ќе одржи состанок со ресорните министрите за да се разгледаат предлозите.
Премиерот Груевски ги отфрли тезите дека државата ќе го спроведува државниот испит посочувајќи дека тој ќе биде спроведен од одбор за акредитација.
„Не е точно дека државата ќе спроведува државен испит, тоа ќе го прави одбор за акредитација составен од професори. Државниот испит ќе биде организиран од одборот, чии членови се избрани од Собранието, а не од Владата. Тоа дека државата сака да ги оценува студентите е политичка флоскула. Тоа не е така, тука не се руши автономијата“, рече Груевски.
Проф. д-р Снежана Билиќ – Сотировска од Меѓународниот балкански универзитет исто како и ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа Замир Дика смета дека треба да се направи листа на држави чии дипломи од средно училиште ќе се признаваат што е потребно за запишување на странски студенти. Укажа дека за некои области нема референтни списанија или има премалку за објавување трудови, што ќе предизвика проблеми во имплементацијата на законот, а некои факултети ќе немаа доволно ментори.
И Билиќ- Сотировска укажа на потребата од ангажирање стручни лица во одборот за акредитација и во нејзината стручна служба, додека проф. Мирјана Кочова од Медицинскиот факултет предложи посебна единица или група едукатори да работат на изготвување на прашањата за државниот испит.
Проф. Кочова смета дека евалуацијата на квалитетот на наставата во високото образование не навлегува во автономијата на Универзитетот.
Премиерот се согласи со Кочова дека подготвувањето на прашањата за државниот испит е сериозен ризик и оти тоа исто така се размислувало. Исто така забележа дека многу малку од преводите на учебниците од светските универзитети се користат кај нас.
За Груевски беше прифатлив предлогот на ректорот на штипскиот универзитет „Гоце Делчев“ Саша Митрев студентите да може да имаат положено половина од испитите од трета година и да полагаат државен испит.
Меѓудругото, Митрев посочи дека многу работи ќе бидат појасни за тоа што се случува на универзитетите доколку се користи електронскиот индекс, што не е случај. – Тоа постои во законот и треба да се имплементира, вели Митрев, кој смета дека иако е регулирано со закон, не се спроведува ниту надворешната евалуација.
Проректорот за наука на УКИМ проф. д-р Владимир Петрушевски смета дека пред да се преземат одредени реформи треба да се направат анализи, и оти треба повеќе средства да се одвојуваат од буџетот за наука. Проф. Петрушевски се согласи со тезата дека треба да се подобри квалитетот во високото образование.
Премиерот Груевски рече дека Македонија одвојува повеќе пари од европскиот просек за образование, но исто така дека професорот е прв што дава предлог и бара повеќе пари за наука.
Штипскиот универзитет, како што посочи проректорот, Блажо Боев, има сопствен фонд за научни истражувања. Во моментов се финансираат 50 научни истражувања. Од професорите кои работат на нив се бара во одреден рок да објават по два труда во списанија со импакт фактор. На секој од овие проекти работат по најмалку пет истражувачи, што во моментов е вкупна бројка од над 200 истражувачи.
Професорката од Правнбиот факултет „Јустинијан Први“ Татјана Каракамишева-Јовановска рече дека упад врз автономијата на универзитетите се врши од критичарите на овие реформи, оти академската слобода се злоупотребува од дел од професорите на најперфиден начин.
„Зарем не е упад врз автономијата кога дел од професорите ја користат позицијата и универзитетот за свое лично богатење и се однесуваат како тоа да е нивна приватна фирма. Одреден дел од професорите и реформите во високото образование доцнат 15 години, но сум проврзаник на тоа дека никогаш не е доцна. Требаше да најдеме сила оваа дебата да се отвори во самите универзитети и ние да ги инициравме овие промени“, рече Каракамишева.
Таа смета дека државниот испит е добар механизам за подигнување на квалитетот во образованието. – Не е само јавна тајна, туку секојдневие пишувањето оценки без знаење, без појавување на студентот на факултет и слично. Државниот испит е добра основа тоа да престане. Не може да постои и да се негува таа неправда на неквалитет, рече Каракамишева.
Министерот за надворепни работи Никола Поповски го сподели своето искуство од полагањето државен испит.
„Во вашето оценување се вклучува некој што не Ве знае, тој е пообјективен. Јас тоа сум го почувстувал во странство, бидејќи се соочуваме со реланост и со реалните знаења. Во Франција, на одредени школи поминувате две години подготвителна школа за да полагате приемен испит за да влезете на Универзитетот. Таму полагањето вакви испити е рутина и секојдневние“, истакна Попоски.
Ова треба да си го врземе како некој капитал, додаде тој, кој ќе не направи поконкурентни на пазарот.
Поранешната студентска правобранителка на УКИМ и актуелна магистрантка Симона Јандревска ги поддржа реформите посочувајќи дека за време на праксата во Франција и Германија се соочила со проблеми токму поради немањето на државен испит.
„Сите практиканти кои беа примени со мене во Дојче банк, беа примени врз база на поените кои ги имаа остварено од државниот испит. Јас им бев исклучок и тоа само затоа што ја уважија мојата државна матура од средно образование,“ посочи Јандревска.