МЗТ Скопје Аеродром го забележа 11 пораз во сезоната во АБА лигата, откако на натпреварот во СЦ „Јане Сандански“ загуби со 81-65. Црногорскиот тим главната предност ја создаде во првото полувреме и успеа да ја одржи до крајот на средбата.
Дури во петтата минута од натпреварот МЗТ Скопје Аеродром го реализираше својот прв поен на натпреварот, но и покрај тоа што македонскиот тим имаше проблеми со реализацијата, на стартот на првата четвртина играше и добра одбрана па не дозволи посериозно одлепување на противникот. Сепак, на почетокот на втората четвртина, Планиниќ и Суад Шеховиќ предводеа нова низа поени за гостинскиот тим, кој стигна и до прва двоцифрена предност. Иако МЗТ до полувремето успеа да ја подобри реализацијата која беше главен проблем на стартот, Будуќност продолжи да го зголемува водството и на пауза замина со високи 19 поени разлика (46-27).
Јасно беше дека на МЗТ ќе му биде многу тешко резултатски да се врати во натпреварот, па иако избраниците на Боби Митев засебно ја добија третата четвртина, ниту еднаш до крајот не успеаја да намалат на едноцифрена разлика. Фаворизираниот противник знаеше како да ја одржи предноста до крајот, за победа од 81-65 која го зацврстува на втората позиција.
Сеад Шеховиќ со 15 поени беше најпрецизен поединец кај МЗТ, каде солиден меч одигра Урош Лучиќ со 14 поени и 6 скокови. По 10 поени дополнија Синовец и Диксон, додека меѓу поистакнатите беше и Самарџиски со 7 поени, 7 скокови, 3 асистенции и 2 блокади. Во екипата на Будуќност, Планиниќ со 20 поени ги предводеше стрелците, а меѓу подобрите беа и Рејнолдс, Суботиќ и Пауниќ.
МЗТ Скопје со овој пораз останува на делба на 12 позиција на табелата, во очекување на наредното коло кое ќе се игра наредниот викенд. Во него, македонскиот шампион гостува на Шолнок во Унгарија.