Ристовски: Предлогот на студентите да полагаат до една третина од испитите без положен државен испит е прифатлив

За Министерството за образование и наука е прифатлив предлогот на студентите да можат да полагаат барем една третина од предметите во трета студиска година без положен државен испит, изјави вечерва заменик министеот за образование и наука Спиро Ристовски.

„Денеска ги слушнавме студентите и мене ми е многу драго оти самите тие овозможуваат уште поголема флексибилност, но и конструктивност во целиот овој процес. За МОН првично ваквиот предлог изнесен од страна на неколку студентски парламенти во Република Македонија е прифатлив“, рече Ристовски.

Тој најави дека предлогот ќе биде предмет на разгледување во наредните денови и притоа очекува и овој предлог да биде дел од пакетот предлози што Министерството ги доби од сите заинтересирани страни.

„Очекувам во наредните денови, доколку се појават и други конструктивни предлози, МОН да ги разгледа и по нив да се произнесе соодветно на идејата колку таа се вклопува во целиот систем на предложените реформи“, истакна заменик министерот за образование Спиро Ристовски.

Студентскиот парламент на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ денеска предложи студентите и без положен државен испит да можат да полагаат барем една третина од предметите во трета студиска година. Подоцна и битолските студенти се приклучија кон предлогот да се полага третина од испитите без положен државен испит.

Според нив, со ова би се зголемила флексибилноста, односно би постоел дополнителен период во кој студентите би се подготвиле за државниот испит, а притоа да не заостануваат со студирањето.