Според податоците на Државниот завод за статистика, индексот на трошоците на животот во декември 2014 година, во однос на претходниот месец, изнесува 100.0, а индексот на цените на мало 99.7.
Во 2014 година, во однос на 2013 година, индексот на трошоците на животот бележи намалување од 0.3%, а индексот на цените на мало бележи намалување од 0.9%.
Движењето на индексот на трошоците на животот во 2014 година беше различно по одделни групи на потрошувачка.
Намалување на индексите е забележано во групите: Рекреација и култура за 3.9%, Мебел, покуќнина и одржување на покуќнината за 1.6%, Транспорт за 1.4%, Ресторани и хотели за 1.2%, Храна и безалкохолни пијалаци и Комуникации за 1.0% и Домување, вода, електрика, гас и други горива за 0.2%.
Пораст на индексот е забележан во групите: Здравје за 7.9%, Алкохолни пијалаци, тутун за 4.0%, Останати стоки и услуги за 1.6%, Облека и обувки за 0.7% и Образование за 0.1%.
Движењето на индексот на цените на мало во 2014 година, исто така, беше различно по одделни групи на производи.
Намалување на индексите е забележано во групите: Услуги за 1.6%, Индустриско-прехранбени производи за 0.8%, Индустриско-непрехранбени производи за 0.6% и Земјоделски производи за 0.2%.
Пораст на индексот е забележан во групата Пијалаци за 1.1%.
Индексот на трошоците на животот во декември 2014 година, вo споредба со декември 2013 година, забележа намалување од 0.5%, а индексот на цените на мало забележа намалување од 2.3%.
Индексот на трошоците на животот во декември 2014 е на исто ниво како и во претходниот месец, но е забележано движење на цените во подгрупите.
Пораст на индексите на трошоците на животот е забележан кај свежиот зеленчук за 10.5% и кај трајните колбасичарски производи за 0.3%.
Исто така, пораст е забележан кај информатичката опрема за 2.9%, пакет-туристичките аранжмани за 2.8%, велосипедите за 1.3%, сметот од домаќинствата за 1.1%, гасот за домаќинствата за 0.9%, апаратите за домаќинствата за 0.3% и алатите и опремата за куќа и градина за 0.2%.
Намалување на индексот на трошоците на животот во декември 2014 година, во споредба со претходниот месец, е забележано кај овошјето за 7.8%, маслото и маснотиите и шеќерот, џемот, медот, чоколадата и кондиторските производи за 1.2%, јајцата за 0.7%, рибата за 0.4% и конзервираната риба за 0.3%.
Исто така, намалување на индексот на трошоците на животот е забележано и кај авионскиот превоз на патници за 12.3%, течните горива за домаќинството за 6.8%, течните горива и мазива за 5.4%, опремата за спорт и кампирање за 1.0%, домашните миленици, храната и услугите за нив за 0.5% и средствата за чистење и одржување на станот за 0.4%.