Министерката за култура на Република Македонија Елизабета Канческа-Милевска денеска во Вевчани го пушти во употреба објектот за продажба на сувенири и друг вид културно-туристички промотивен материјал.
Овој монтажен објект е дел од проектот на Министерството за култура за изработка, поставување и ставање во функција на дваесет унифицирани монтажно-демонтажни објекти предвидени за ваква намена.
Како што најави министерката Канческа-Милевска, во овој монтажен објект сите посетители на Вевчани, посебно додека се одржува Вевчанскиот карневал, ќе имаат одлична можност да купат културно-туристички промотивен материјал што ќе го понесат со себе како автентичен сувенир од ова место и од Република Македонија.
„Сите заинтересирани тука ќе можат да купат копии од артефакти пронајдени на археолошките локалитети во Македонија, приврзоци, сложувалки, разгледници и друго.Овој особено важен проект кој одигра клучна улога во заживувањето на сувенирската дејност во нашата држава и дополни една евидентна празнина во овој домен, присутна со години, веќе е во завршна фаза“, рече Канческа-Милевска.
Петнаесет вакви објекти, како што потсети таа, веќе се поставени во Скопје, Битола, Охрид, Дојран, Ресен, Берово, Крушево, Битола, Стоби, на граничнииот премин Богородица, а остануваат да бидат промовирани уште пет монтажни објекти во Штип, Прилеп, на граничните премини Табановце и Деве Баир, и уште еден објект во Скопје, со што проектот и целосно ќе биде реализиран.
Министерката за култура упати и благодарност до градоначалникот на општина Вевчани за, како што рече, големата поддршка и успешната реализација на голем број проекти од областа на културата.
„Вевчанскиот карневал десет години се одржува под покровителство на Министерството за култура и во континуитет расте бројот на домашните и странските посетители кои секоја година се дел од оваа престижна манифестација која ги презентира автентичните особености во негувањето на традиционалните обичаи за празникот Василица“, додаде Канческа –Милевска.
Таа потсети дека Министерството за култура во Вевчани ги поддржува и проектите на културно-уметничкото друштво „Дримкол“ кое, како што појасни, е достоен репрезент на македонскиот фолклор.
„Во 2014 година успешно се реализираше Фолклорниот фестивал „Пображане“, кој во Програмата се наоѓа и оваа 2015 година. Културно-уметничкото друштво „Дримкол“ минатата година се претстави во Баку, Азербејџан, во рамките на Деновите на македонската култура, додека годинава македонскиот фолклор ќе го претстави наИнтернационалниот фестивал за музика и танци “Музиката и морето“ во Атина, Грција. Од другите активности од областа на култура, со поддршка на Министерство за култура се одржува и Меѓународната ликовна колонија „Вевчански видувања“, а во програмските содржини за 2015, поддржан е и проектот „Летна работилница за дизајн и креативни уметности -Вевчани 2015“, најави Канческа-Милевска.
Градоначалникот на Вевчани Цветомир Угриноски изрази голема благодарност до Министерството за култура за, како што нагласи, големата поддршка на сите проекти кои се реализираат во оваа општина од областа на културата.
Според Угриноски, отворањето на оваа сувенирница ќе овозможи уште поголема културна промоција, но и туристички развој на општината и на државата.
„Долго ја чекавме оваа продавница затоа што имаме многу туристи. Денеска со министерката Канческа-Милевска и со директорката на Заводот и музеј од Охрид Тања Паскали Бунташеска ги купивме и првите подароци. Сувенирницата и натаму ќе ја доопремуваме и со сувенири од нашето поднебје, од Вевчани. Имаме услови, а имаме и што да понудиме,“ рече градоначалникот Угриноски.