Претседателот Иванов со честитка до Грабар-Китаровиќ по повод изборот на функцијата Претседател на Република Хрватска

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов, по повод изборот на функцијата Претседател на Република Хрватска, упати честитка до Колинда Грабар-Китаровиќ, Избран претседател на Република Хрватска.

„Ми претставува особена чест и големо задоволство, во името на граѓаните на Република Македонија и во мое лично име, да Ви упатам најсрдечни честитки по повод Вашиот избор за претседател на Република Хрватска, како и да Ви посакам успех во извршувањето на оваа одговорна функција.

Уверен сум дека под Ваше водство, Република Хрватска и натаму ќе бележи успеси, продолжувајќи ја конструктивната улога во стабилноста и развојот на регионот на Југоисточна Европа.

Ја користам оваа пригода да изразам задоволство за успешниот развој на традиционално пријателските односи меѓу нашите две држави, како и да ја истакнам длабоката увереност за натамошно продлабочување и интензивирање на контактите меѓу двете држави на највисоко ниво.

Длабоко сум убеден дека за време на Вашиот мандат, Република Хрватска како докажан пријател на Република Македонија ќе продолжи силно да ги поддржува нашите заложби за интегрирање во Европската унија и во НАТО и дека со заеднички ангажман ќе придонесеме за регионалната стабилност и просперитет, но и за интензивирање на регионалната соработка.

Со искрени желби за добро здравје, натамошна успешна работа и лична среќа, како и со надеж дека наскоро ќе имаме можност да се сретнеме, Ви ги упатувам изразите на моето највисоко почитување.“– стои во честитката.