Светската организација за храна и земјоделство (ФАО) останува на определбата за натамошната поддршка на реформските процеси што ги иницира Република Македонија во земјоделскиот сектор.
Ова денеска на македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Михаил Цветков му го потврди генералниот директор на ФАО, Хозе Грациано да Силва.
Средбата се одржа во рамки на Меѓународната зелена недела во Берлин, а на неа е договорено до крајот на годинава да се почне со планирање на новата Рамковна програма за соработка 2016-2018.
Министерството за земјоделство информира дека со сегашната програма се поддржани неколку значајни проекти меѓу кои изработката на педолошката карта на Македонија, националната стратегија за земјоделство и рурален развој, Проектот за консолидација на земјоделското земјиште и Проектот за адаптација на земјоделството кон климатските промени. Во фаза на одобрување е и барањето за експертска поддршка за спроведување студија за производство на пилешко месо што неодамна Министерството го упати до ФАО, како еден од приоритетите утврдени во националната Стратегија.
На средбата е разгледана и можноста за организирање донаторски состанок под покровителство на ФАО на кој ќе се презентираат идните приоритети за натамошна поддршка во земјоделството пред донаторската заедница во Македонија.
„Македонија ќе остане во фокусот на интересот на ФАО бидејќи малите земји на кои им е потребна експертска помош се целната група што во иднина ќе се поддржуваат од оваа организација“, истакна да Силва.
Покрај ова, министерот Цветков го продолжува учеството на Меѓународната зелена недела во Берлин, во чии рамки се одржува и министерскиот форум „Растечката потреба од храна, енергија и суровина: предизвици за одржливо земјоделство и обезбедување доволни количини на храна“.
На форумот учествуваат 70 министри и заменици министри за земјоделството, како и претставници од земјоделскиот и прехранбениот сектор.
Заклучоците од форумот ќе бидат земени предвид во меѓународните политички процеси како што се Г-7 и Г-20, конференции и состаноци на Обединетите нации.
На маргините на форумот министерот Цветков оствари и повеќе билатерални средби со своите колеги од регионот и од Европа.