Темелковски: Неопходни се јаки, опремени и капацитетно оформени јавни комунални претпријатија

Заменик министерот за животна средина и просторно планирање, Стево Темелковски се обрати на отварањето на Годишното собрание на Асоцијацијата на даватели на комунални услуги (АДКОМ) кое  се одржа во Охрид. Поздравувајќи го претседателот на АДКОМ, Игор Спасовски и изразувајќи задоволство од 11 годишната плодна и успешна соработка помеѓу Министерството за животна средина и просторно планирање и Асоцијацијата, заменик министерот Темелковски изјави:

„Како во повеќето европски држави, така и кај нас, комуналните услуги, урбанистичкото планирање, следењето на состојбите на локално ниво и донесувањето на одредени прописи веќе е во надлежност на локалните или на регионалните власти. Придобивка од процесот на децентрализација е тоа што локалните проблеми од областа на животната средина се решаваат поблиску до местото од каде што потекнуваат, и до граѓаните кои директно ги чувствуваат овие проблеми. Во тој контекст од особена важност е да имаме јаки, опремени и капацитетно оформени јавни комунални претпријатија кои преку тесна соработка на локалната и централната власт ќе можат непречено теренски да делуваат и да ги имплементираат националните и локалните комунални политики и акциски планови. Во актуелниов момент, би сакал да нагласам дека МЖСПП во изминатиов период особено големо внимание посвети во зајакнување на инфраструктурните капацитети за заштита на националните водни ресурси. А тие се штитат и управуваат во најголем дел со третманот на рецидивот од нивниот искористен сегмент, кој на одреден начин повторно станува хуман и природен воден ресурс. Во тој контекст би споменал дека во тек се изградбите на повеќе пречистителни станици за отпадни води на целата територија на државата меѓу кои: пречистителната станица во Гевгелија, пречистителната станица во Волково – општина Ѓорче Петров, потоа во општина Сарај, во Кочани и други, а во план се изградба на пречистителни станици во Прилеп, Кичево, Струмица и Радовиш, потоа изградба, проширување и рехабилитација на канализациони мрежи во Охрид, Куманово, во Берово, но и изработка на проектна документација за подобрување на инфраструктурата во собирањето и третманот на отпадните води во Гостивар, Кавадарци и Дебар. Во тек е изработка на Студијата за финансирање, изградба и работа на пречистителна станица за отпадни води за град Скопје, како и изработка на проектна документација за проширување и рехабилитација на канализационата мрежа во градот Скопје. Во оваа област за особено важно го сметаме завршувањето на Националната студија за тарифи за вода, која нуди решенија за воспоставување на економски инструмент за балансиран систем на комуналните услуги за вода и финансиско одржливо управување со инвестиционите проекти за соодветно водоснабдување и третман на отпадните води. Специфичните цели на Студијата вклучуваат: поставување основа за реформите кои ќе следат во секторот води, креирање тарифи во согласност со принципите на ЕУ и најдобрите европски искуства, развивање економски инструмент за примена на првите чекори од принципот „загадувачот плаќа“ и покривање на трошоците за услугите и обезбедување на финансиски одржливо управување.

Министерството планира веќе наредниот месец да ја започне постапката за консултација за законот за утврдување на тарифите за вода. Воедно, воспоставувањето на одржлива правна и институционална рамка за утврдување на тарифите за користење на водите е услов за спроведување на инвестиции во овој сектор. Без обезедување на оддржлив систем на финансирање неможеме да очекуваме дека ново изградените пречистителни станици ќе бидат функционални, ниту пак можеме да очекуваме дека ЕУ и другите донатори ќе ни помагаат во исполнување на обврската за прочистување на урбаните отпадни води. Цврста и комплементарна соработка и висок степен на зрелост на локалните власти, но и на нивните комунални претпријатија бараат и активностите во областа на управувањето со отпадот. Особено дизајнирањето изградбата и ставање во функција на регионалните депонии за управување со отпад. Во тек е процесот на планираната изработка на физибилити студија со проектна документација за изградба на трансфер станици и регионални депонии во согласност со европските стандарди во Источниот и Североисточниот плански регион за што веќе е обезбеден буџет од предпристапните европски фондови во висина од 2,5 мил. евра, по што ќе следи и нивна конкретна реализација. Исто така Владата преку МЖСПП алоцираше 3,9 мил.евра од предпристапните европски фондови за Изработка на регионални планови за управување со отпад, физибилити студии, студии за оценка на влијание врз животната средина со проектна документација за основни проекти за изградба на регионални депонии и трансфер станици во уште 4 плански региони: Вардарскиот, Пелагонискиот, Југозападниот и Скопскиот регион.“- истакна Темелковски.

20150116_125337